Од УХМР најавуваат дека во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со умерен до засилен ветер од северен правец

Времето денеска ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во одредени делови од земјата ќе има невреме со пообилен пороен дожд, електрични прaзнења, силен ветер со брзина од над 60 километри на час и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 19 до 29 Целзиусови степени, најави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Скопје, денеска ќе има променливо облачно време со сончеви периоди. Во делови од котлината се најавува нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Од УХМР најавуваат дека во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со умерен до засилен ветер од северен правец со брзина од над 50 километри на час. Утре и за време на викендов на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и силен ветер. В понеделник ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи. Максималните температури ќе се движат во интервал од 21 до 31 степен.
