Според првичните информации од истрагата, непосредно до телото на починатата бил пронајден пиштол марка „глок 19“, сопственост на нејзиниот сопруг, за кого веќе е донесена наредба за спроведување истражна постапка и определен му е притвор

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на СВР Скопје вчера извршиле увид во селото Копаница, откако било пронајдено безживотно тело на 37-годишна жена со прострелна рана во главата.
Според првичните информации од истрагата, непосредно до телото на починатата бил пронајден пиштол марка „глок 19“, сопственост на нејзиниот сопруг.
По наредба на јавниот обвинител, телото на починатата е предадено на обдукција за да се утврдат точните причини за смртта, а се преземаат и други мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
Сопругот на починатата веднаш бил обезбеден од страна на полицијата. ОЈО Скопје против него веќе донесе наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали по член 396 од Кривичниот законик.
На предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка му одредил мерка притвор на осомничениот, која веќе е прифатена од Судот.
Од Обвинителството велат дека со СВР Скопје продолжуваат со интензивни активности за целосно расчистување на случајот.
