Тој додаде дека согласно правилата на Европската Унија, таков тип индивидуален исклучок, прво, не може да се направи, а второ, ако се погледнат условите на граничните премини, таква одлука не може да се имплементира

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека се водат интензивни разговори со Брисел за изнаоѓање модел кој ќе ги спречи големите метежи на граничните премини, особено во летниот период, а кои се поради новиот европски систем за влез и за излез (ЕЕС).
Муцунски, одговарајќи на пратеничко прашање од Сања Лукаревска од СДСМ, рече дека во моментов ништо не е официјално потврдено.
„Тоа што би можел да ја информирам јавноста е дека имаме разговори и со институциите на Европската Унија и со земјите членки за во летниот период, кога ќе настанат најголемите метежи, да постои некаков систем преку кој ќе има олеснувања. Во моментот, бидејќи ништо не ни е официјално потврдено, за жал, и јас ништо не можам официјално да потврдам, но очекуваме како регион, соработувајќи и со земјите членки кои и самите не сакаат вакви метежи, да има подобри услови од тие што ги имаше во последниот период“,
рече Муцунски на собраниската седница посветена на опозициски пратенички прашања.
Тој посочи дека во текот на претходната недела бил на состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што лично тој го отворил ова прашање.
„Присуствував и на состанок на министрите за надворешни работи во форматот ’Пријатели на Западен Балкан’ во Братислава. Лично бев првиот министер од регионот кој го отвори ова прашање. Исто така, разговарам и билатерално со земјите од регионот. Како еден пример, министерот за внатрешни работи Тошковски пред неколку недели исто така беше во Грција, каде што разговаравме и дискутиравме како да се најде решение колективно за целиот регион“,
додаде Муцунски.
Муцунски рече дека веста што излезе дека граѓаните на Србија се исклучени од ЕЕС е лажна вест, неточна информација.
„Информацијата за индивидуално исклучување на одредени земји е неточна, односно лажна вест, што се пласираше во одредени медиуми. Јас тоа го видов од медиуми во соседна Србија, затоа секогаш треба да бидеме внимателни кога читаме вакви информации и да ги следиме официјалните податоци и информации што доаѓаат од ЕУ, од земјите членки на ЕУ, но и од македонските институции. Јас наредниот ден таа информација ја нареков политички естраден настап, затоа што е апсолутно неточна“,
рече Муцунски.
Тој додаде дека согласно правилата на Европската Унија, таков тип индивидуален исклучок, прво, не може да се направи, а второ, ако се погледнат условите на граничните премини, таква одлука не може да се имплементира. Додаде дека кога ќе се создаде метеж, не може да се направи една лента со колона само за граѓани на одредена земја.
Тој рече дека се согласува со пратеничката дека изминатиот месец, особено викендите, нашите граѓаните се соочуваат со големи предизвици на граничните премини со земјите членки на ЕУ и тоа не само во нашата држава, односно на излез или влез од нашата држава, туку и во целиот регион.
„Слична ситуација како што имаше на македонско-грчката граница, имаше и на границите помеѓу Црна Гора и Хрватска, помеѓу Србија и Хрватска и да не ги набројувам другите гранични премини“,
рече тој и додаде дека овие метежи влијаат и врз граѓаните на земјите членки кои патуваат во овој период.
На почетокот на месецов и премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата води билатерални преговори за надминување на пречките што ги носи новиот европски систем за влез и за излез (ЕЕС). Според него, целта не е само моментно олеснување за летниот период, туку изнаоѓање трајно, генерално решение.
Еден ден претходно тој ги повика македонските граѓани летните одмори да ги поминат на туристичките места во земјава ако и понатаму продолжат метежите на граничните премини.
Воведувањето на новиот ЕЕС-систем за влез и за излез од земјите на Европската Унија создаде големи метежи на граничните премини бидејќи секое преминување на надворешните граници на шенген-зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
