На новинарска забелешка дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е сè уште повисок од оној на СДСМ, Венко Филипче, кој гостува во ,,360 степени” на МРТ 1, коментираше: Трендовите се дека ВМРО веќе сериозно губи поддршка и рејтинг, ЗНАМ речиси и да го нема, а ние растеме постепено. И тоа е вистината

360°: Господине Филипче, Виктор Орбан падна, но Христијан Мицкоски не паѓа. На анкетите неговиот рејтинг е сè уште многукратно поголем од вашиот. Зошто?
Филипче: Па добро, анкетите и на Орбан покажуваа дека тој води пред да си замине. На неговите, да бидам прецизен, на неговите анкети. Но како и да е, огромен пад има ВМРО – 150-160 илјади гласови изгубија за една година, а ние постепено растеме и трендовите продолжуваат. На кои анкети веруваме? Овие што се платени со граѓански народни пари?
360°: Еве, вие објавете една анкета.
Филипче: Чекајте малку, ќе дојде време и тоа ќе го објавиме. 400 000 евра плаќаат народни пари на агенциите да им работат анкети…
360°: А што, претходната власт не плаќаше?
Филипче: Гледајте, зошто не престане таа практика? Еве, ние кога ќе дојдеме на власт, таа практика ќе ја прекинеме.
360°: Објаснувањето може да биде дека треба да се знае пулсот на граѓаните за одредени политики и така натаму? Претпоставувам дека здрава влада така работи.
Филипче: Пулсот на граѓаните… оваа власт е далеку од тоа да има здрави политики. Тоа да се разбереме. Пулсот на граѓаните може да го опипаат кога ќе одат кај земјоделците, како што одиме ние секој ден, каде што луѓето плачат и немаат субвенции, не можат трошоци да сврзат; на пазар каде што не можат да си купат да го прехранат семејството. Пулсот се мери кога луѓето го отвораат фрижидерот којшто е сè попразен, кај работниците коишто немаат зголемување на минималната плата, во директен разговор со нив и со синдикатите и на протестите што синдикатите автентично ги организираат, не во соработка со СДСМ, како што уште една теза сакаат да нафрлат, со пензионерите што ги украдоа. Ете така се опипува пулсот, во директна комуникација, а не со народни пари. И, на крајот на краиштата, ајде кажете ми кој е тој пулс што го опипале Христијан и ВМРО и имплементирале некоја добра политика?
360°: Не знам, но во рејтинзите ВМРО-ДПМНЕ е пред вас.
Филипче: Гледајте, јас се согласувам, меѓутоа трендовите се дека ВМРО веќе сериозно губи поддршка и рејтинг, ЗНАМ скоро и да го нема, а ние растеме постепено. И тоа е вистината.
360°: Своевремено велевте дека Мицкоски ќе оди на избори уште оваа година, но тоа веројатно нема да се случи по сè што гледаме. Кога, според вас, ќе има избори?
Филипче: Ќе има многу скоро. Дали ќе биде на крај на оваа година или почеток на следната, месеци се во прашање. А и тогаш, еве и сега кажувам дека аргументите за избори се тоа што нема пари во буџетот. Задолжувањето, јавниот долг е пораснат за две милијарди евра од 2024 година досега. Пред некој ден стигна закон во Собрание.
360°: Користите апсолутни бројки, иако знаеме дека најрелевантни се релативните бројки, како проценти од бруто-домашниот производ.
Филипче: Каков бенефит имаат луѓето од процентите кога утре треба да враќаат повеќе од две милијарди евра, од коишто една милијарда е тотално нетранспарентно земена од Унгарија и поделена по партиски фирми? Каков бенефит имаат луѓето од процентите за две милијарди да го зголемите вие јавниот долг, да растат бројките што ги прикажувате само на хартија?

360°: Која функција на државата не функционира? Претпоставувам дека тоа треба да биде последицата ако нема пари. Што не функционира во државата?
Филипче: А што функционира во државата како што треба? Функционира здравството? Функционира, само момент…
360°: Вие работите во здравството – за еднаш неделно да оперирате, треба да функционира системот.
Филипче: Знаете колку се чека за магнетна резонанца? Знаете колку се чека.
360°: Во ваше време помалку се чекаше?
Филипче: Апсолутно! И за операции, за сè. Знаете дека нема терапија на Онкологија? Знаете дека не може да се склопи терапија и дека луѓе умираат поради тоа? Што добро се случува во безбедноста? Наоѓаат жени обезглавени, тепачки секој ден, убиства, кражби и така натаму.
360°: И тоа е поради ВМРО-ДПМНЕ?
Филипче: Па кој е на власт?
360°: Ама не е цела одговорност кај власта?
Филипче: Да не сум јас одговорен како граѓанин? Како е СДСМ или јас лично одговорен за тоа како тие ја водат државата? Дали е СДСМ крива што не расте минималната плата? Во наше време растеше, повеќе од дупло порасна. Па зошто не расте просечната плата? Зошто не растат.
360°: Тоа е разлика во идеологија, тие имаат друга идеологија, сметаат дека треба да се поддржува бизнисот наместо работникот.
Филипче: Еве тука многу грешат. Како го поддржаа бизнисот? Странските инвестиции се за две третини намалени. Луѓе затвораат фабрики. Над илјада луѓе се останати на улица. Со пропагандата тоа го покриваат и не ги прикажуваат, за луѓето да не излезат на улица и се плашат. И да ве коригирам, не е тоа разлика во идеологија, односно тоа не е единствената разлика. Знаете што е главната разлика? Тоа што нив не ги интересира ни државата ни граѓанинот. Затоа што имаат на маса што треба да направат за да биде тука конечно подобро. И затоа што мора и треба да им даваат пари повеќе на граѓаните. Кризата удри, не дадоа никаква мерка, никаков пакет. Па како мислат овие луѓе дали вака се води држава? За студенти, за пензионери..
360°: Не сакам во секоја реченица да ви упаѓам, но не е точно. Носат одлуки – за намалување на ДДВ и за намалување на акцизата, за горивата конкретно.
Филипче: И што бенефит видоа граѓаните? Донесоа некоја мерка како останатите земји, како што ние носевме во кризите да им се даде финансиска помош?
360°: Сметаат дека ограничувањето на цените на храната потоа носи лоши ефекти.
Филипче: Кој е лошиот ефект да се намали цената на храната за граѓаните? Кој е лошиот ефект?
360°: Откако ќе заврши мерката, потоа зголемувањата на цените се енормни.
Филипче: Значи, не треба да се намалат стравувајќи дека евентуално после ќе биле, па тоа е истата мантра да не ги ставиме Бугарите во Уставот, зошто – за после да не нè блокираат. Е тоа е истата таа мантра – тоа е начинот на којшто владеат. Чекајте да не го правиме ова за после да не ни се случи нешто лошо. Ете, тоа им е мантрата, ете тоа го прават. Знаете што им кажуваат на граѓаните – седете вака оти може и полошо да е. Е, тоа им кажуваат.
