„Нема слух кај власта за тоа да се работи заеднички за доброто на граѓаните. Тие секој ден тоа го потврдуваат. Еве, ја држат земјата во изолација, ја продолжуваат црната пропаганда, си ги тераат своите тендерски постапки. Тоа е нивниот фокус“, рече лидерот на СДСМ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

Власта нема слух да се работи заеднички за доброто на граѓаните, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на прашањето колку е паметна одлуката на најголемата опозициска партија да ги напушти преговорите за носење нов Изборен законик. Според Филипче, власта имала можност за соработка со опозицијата за повеќе важни прашања за државата, но ја пропуштила бидејќи, како што вели, станува збор за „проформа“, додека законите се носат без консензус.
Филипче: Нема слух кај власта за тоа да се работи заеднички за доброто на граѓаните. Тие секој ден тоа го потврдуваат. Еве ја држат земјата во изолација, ја продолжуваат црната пропаганда, си ги тераат своите тендерски постапки. Тоа е нивниот фокус. Ако сакаат заедничка работа, еве во делот на реформите, што правеа две години? Две години се пропуштија. Понатаму, ако сакаат заедничка работа, зошто на сила го донесоа Законот за влада? Никогаш тој закон не бил донесен без консензус.
360°: Е па сега што е подобро – да бидете внатре на масата каде што се договараат одредбите на Изборниот законик или да ви го донесат како што ја избришаа пржинската влада?
Филипче: А зошто би седеле на маса со луѓе коишто ги интересира само сопствениот бенефит?!
360°: Затоа што искуството покажува дека самоизолирањето не носи поени во политиката.
Филипче: Но, ова не е изолација. Ние ги пуштаме нашите пораки, нашите ставови се јасни. Зошто Христијан Мицкоски го донесе сам на сила Законот за влада, кога на негово барање нашата влада во 2018 го врати, како што тој сакаше. Значи, кога требало да се работи заеднички и да се исполнуваат барањата на опозицијата, тогаш од наша страна можело во 2018 година. А сега се носи Закон за влада на сила, без наша согласност. Затоа што реков – и ние имаме, гледајте, ама ние имаме аргументи за тоа, ние кажавме зошто тој закон не треба така да се донесе.
Според Филипче, не се исполнети условите за укинување на техничката влада.
Филипче: Истата ситуација во државата којашто довела до воведување на техничката влада во изборите 2016 година и сега е актуелна. Тоа што го правеше Груевски го прави Мицкоски. Што правеше? Партизација на судството, целосна партизација на полицијата. Под наш притисок, откако дадовме претставка за соодветна уставност на закон за МВР, сега ќе го повлекуваат. Понатаму, целосна контрола на медиумите. Прво, силна Орбанова мрежа, 40 проценти од медиумите, нов ваш директор тука на МТВ, човек којшто нема никакво искуство и е личен пријател на премиерот.
360°: Ама, еве, вие настапувате на јавниот сервис.
Филипче: Да, ама ќе видиме како се делат буџетите. По кои принципи? Ајде да видиме како ќе биде тоа. Тоа е прашањето. Немојте вие да мислите дека оваа власт има желба каква било политика да прави освен да ги контролира и да прави директиви за буџетите. И сега во таква една ситуација, ние да се согласиме да биде укината техничката влада? Па тоа е нонсенс! Ама ние имаме наши сериозни аргументи. Притоа во законот којшто го донесоа и сега техничката влада што останува само за следниот изборен циклус е веќе променет.

На прашање за можна поддршка на законите од Реформската агенда, во замена, на пример, за враќање на техничката влада, Филипче вели – нема да се пазариме.
„Ова не е пазар. Станува збор за сериозна работа. Водењето на државата не е ‘што ќе ми дадеш, што ќе ти дадам, на ти го – дај ми го’. Не е тоа. Станува збор за принципи, за политики. Нема договор со овие и вакви луѓе коишто имплементираат вакви политики, затоа што немаат чесна намера и затоа што не знаат и не сакаат и свесно ја водат државата во амбис. Зошто? Затоа што се заинтересирани само за себе. И пак ќе се вратам на ова што го кажав пред некое време – кажете еден сектор којшто е добар. Кажете една група на луѓе, освен власта, коишто се задоволни – нема“,
вели Филипче.
Тој беше прашан и дали планираат филибастеринг во Собранието за Изборниот законик. Одговори дека ќе донесат одлука во рамките на партиските органи. Во однос на повиците од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски заедно да работат на законите од Реформската агенда, Филипче рече дека станува збор за фарса.
Филипче: Реформите се викаат уставни измени! Така ќе тргне државата напред. Реформите зошто досега не се завршија? Па сега бараат изговор „аха, СДСМ е крив“. Тоа не е вистина.
360°: А зошто не се од полза и овие работи коишто се дел од Реформската агенда? Утре пократко ќе траат пристапните преговори за ЕУ.
Филипче: Нека се направи првиот чекор, затоа што тоа е тоа што ќе даде веднаш и видливи резултати.
Со премиерот Мицкоски вели дека немаат комуникација. Последен пат разговарале на седница на пратенички прашања пред локалните избори минатата година.
„А што би разговарал и што него го интересира за државата? Која тема на Христијан Мицкоски му е битна за државата и за граѓаните? Една тема да има човекот. На состанокот кај него после пожарот во Кочани, таму јас понудив како конструктивна опозиција да работиме заедно на Реформската агенда и ете го нашиот придонес. Знаете што се случи? Формиравме експертска група, дадовме експерти, непартиски луѓе, експерти од сферата на правото. Од Министерството за правда ги пратија законите, ние дадовме наши мислења – ништо оттогаш не се случи, нема фидбек. Никој не одговори“,
рече Филипче.
