Од Комисијата посочуваат дека варијантата „андес“, за разлика од другите типови на хантавирус, може да се пренесува од човек на човек при подолг и близок контакт, но дека преносот не е брз и лесен како кај вирусите од типот на коронавирус
Ризикот од појава и ширење на хантавирусот во земјава е низок, информираат денеска од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Ова следи по одржана седница на оваа Комисија, а со цел разгледување на состојбата со појава на кластер со хантавирус-андес варијанта во светски рамки.

„Здравствениот систем е подготвен за евентуално справување со евентуална појава на инфекцијата“,
се вели во соопштението од Комисијата.
Исто така, на седницата е утврдено дека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) располага со реагенси за лабораториско докажување на вирусот, како и со стандардни оперативни процедури за негова дијагностика.
Според Комисијата, Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби има капацитети за третман на евентуални пациенти со симптоматологија карактеристична за инфекција со хантавирус-андес варијанта, вклучително и соодветни услови за интензивна нега, механичка вентилација и респираторна поддршка.
Од Комисијата посочуваат дека варијантата „андес“, за разлика од другите типови на хантавирус, може да се пренесува од човек на човек при подолг и близок контакт, но дека преносот не е брз и лесен како кај вирусите од типот на коронавирус.
Појавата на хантавирус на почетокот на месецот е забележана на крузерот „МВ Хондиус“, кој пловеше од Аргентина кон Капо Верде. Тој се најде во центарот на вниманието во јавноста откако Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека тројца патници починале како последица на зараза со хантавирус.
Светската здравствена организација (СЗО) пред една недела соопшти дека појавата на хантавирус на крузерот засега не претставува почеток на епидемија или пандемија, иако се можни нови случаи на зараза.
