Посочи дека како по правило до тие казина се отвораат канцеларии во кои се даваат и брзи кредити, за што рече дека е следно на што ќе работат
Според анализите на Владата, како што рече тој, долговите од коцкањето се еден од факторите поради кои дел од граѓаните заминуваат од државата
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека со предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, кој Владата го усвои на последната седница, ќе се подобри моралната состојба во општеството.
Најави и дека се подготвува решение со кое ќе се ограничи отворањето канцеларии за брзи кредити во близина на коцкарниците.

Според него, Владата стои зад законот, чија цел е промена на перцепцијата дека коцкарниците се доминантна индустрија во градовите.
„Го ветувавме и го работевме овој закон многу внимателно, имајќи ги предвид сите параметри поврзани со оваа индустрија. Има одредени стандарди и политики што Владата ги води. Градовите со рекламите и билбордите почнаа да наликуваат на места во кои коцкарниците се главна индустрија. Тоа не личеше на ништо. Со овој закон ќе се стави крај на таа перцепција кај граѓаните“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при пуштање во употреба на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“.
Посочи дека како по правило до тие казина се отвораат канцеларии во кои се даваат и брзи кредити, за што рече дека е следно на што ќе работат.
„Работиме да се ограничи и тоа. Сега засега не би сакал да дадам повеќе детали“,
додаде премиерот.
Посочи дека според анализите на Владата долговите од коцкањето се еден од факторите поради кои дел од граѓаните заминуваат од државата.
„Заклучивме дека повеќето од луѓето како причина за напуштање на државата го користат и тој аргумент – долговите што се наталожиле. Ценам дека со овој закон во морална смисла драматично ќе ја подобриме состојбата во државата“,
кажа тој.
Со предлог-законот се предвидува во сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа како казина, автомат-клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, а во обложувачниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување електронски видеолотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.
Се воведуваат и строги ограничувања за рекламирање, вклучително забрана за реклами надвор од деловни простории што поттикнуваат учество во коцкање, како и забрана за рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници.
Дополнително, Владата вчера информира и дека се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи за игри на среќа кои функционирале без лиценца и без регулаторна контрола.
