Во врска со одлуката на ОЈО ГОКК, премиерот рече дека вчера разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој му пренел дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое го води Ислам Абази
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со шок и неверување вчера ја примил веста за одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во кој, меѓу другите, беше опфатен и поранешниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Кочачевски.

„Јас вчера со неверување ја слушнав таа вест и бев шокиран од тоа што го слушнав“.
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на болницата „8 Септември“.
Позитивно во ситуацијата, според премиерот, е што АД ЕСМ ќе вложи жалба за одлуката на Обвинителството, по што, според него, предметот повторно ќе биде вратен на преразгледување и на повторна анализа бидејќи ако тоа не се случи, како што рече, Обвинителствто дефинитивно го губи својот кредибилитет.
Во врска со одлуката на ОЈО ГОКК, премиерот вчера разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески.
„Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази и претпоставувам дека по вложената жалба од страна на ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторно анализирање. ОЈО ГОКК на чело со Ислам Абази сме го коментирале и нема што дополнително да кажам, јавноста знае за каков обвинител станува збор“,
рече Мицкоски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, бидејќи во истрагата, што траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Се работи за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
