Во своето прво појавување пред Федералниот суд во Вашингтон, 31-годишникот се појавил во портокалов затворски комбинезон и со лисици на рацете. Тој не зборувал за време на рочиштето, а исказот за вината во негово име го изнел неговиот адвокат
Кол Томас Ален, обвинет за три кривични дела, вклучително и обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, се изјасни за невин за сите дела што му се ставаат на товар.

Обвиненијата против 31-годишникот од Калифорнија, покрај обид за атентат врз претседателот на САД, вклучуваат и напад врз федерален службеник, како и прекршоци поврзани со употреба и пренос на огнено оружје во друга држава со намера за извршување кривично дело.
Во своето прво појавување пред Федералниот суд во Вашингтон, 31-годишникот се појавил во портокалов затворски комбинезон и со лисици на рацете. Тој не зборувал за време на денешното рочиште, а исказот за вината пред окружниот судија во негово име го изнел неговиот адвокат.
Според обвинителите, Ален пристигнал во Вашингтон на 25 април вооружен со пушка, пиштол и ножеви, и резервирал соба во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, каде што се одржуваше гала-вечерата на дописници од Белата куќа. Обвинителството тврди дека тој потоа се обидел да го пробие обезбедувањето, пукал со пушка кон агент на американската тајна служба и упаднал во безбедносен контролен пункт.
Адвокатите на Ален бараат од Судот најмалку двајца високи функционери на Министерството за правда да бидат исклучени од директно учество во судењето бидејќи, како што наведоа, би можеле да се сметаат за жртви или сведоци во настанот, со што потенцијално создаваат конфликт на интереси.
Кол Томас Ален беше уапсен на 25 април за време на гала-вечерата на дописниците од Белата куќа, на која беа присутни американскиот претседател Доналд Трамп, неговата сопруга Меланија, потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, како и многубројни високи членови на администрацијата на американскиот претседател.
