Протестот почна пред зградата на владата, но демонстрантите продолжија кон Министерството за внатрешни работи на Албанија, каде почнаа да фрлаат молотови коктели кон полицијата и нивната опрема за растерување толпа, по што полициските сили употребија водени топови и солзавец
Во тензична атмосфера, со фрлање молотови коктели и судири со полицијата, помина осмиот по ред антивладин протест на албанската опозиција, предводена од Демократската партија на Албанија, што вечерва се одржа во главниот град на земјата, Тирана.

Иако организаторите на протестот имаа дозвола за собир само пред зградата на албанската влада, сепак демонстрантите продолжија кон другите државни институции каде се судрија со полициските сили.
За разлика од претходните протести на кои имаше бина и се држеа говори, на денешниот беше поставен само подиум, од кој беа упатени барања за оставка на премиерот Еди Рама и формирање техничка влада, пренесе албанската телевизија Топ ченл (Top-Channel).
Од пред зградата на Владата, демонстрантите продолжија кон Министерството за внатрешни работи, каде почнаа да фрлаат молотови коктели кон полицијата и нивната опрема за растерување топла, по што полициските сили употребија водени топови и солзавец.
Регистирани се повеќе судири меѓу демонстрантите и полицијата, како и обиди за пробивање на полицискиот кордон, поради што на локациите на тензиите беа ангажирани дополнителни полициски сили.
Лидерот на Демократската партија на Албанија присуствуваше на протестот, но немаше обраќање. Како што пренесува Топ ченл тој беше опколен од своите телохранители.
Претходно тој за медиумите изјави дека мора по секоја цена да ја постигнат својата цел, која, како што рече, е блиску.
„Нашата порака дека сме на последниот километар, ја означува нашата обврска да го поминеме овој километар, по секоја цена, до победа. Овој нарко режим мора да си оди. Тие се крадци кои апсолутно никогаш не сакале интеграција, туку сакаат да се богатата крадејќи јавни средства на Албанците. Затоа, протестите се најмоќниот глас на достоинствените Албанци, на Албанците кои не се согласуваат со оваа ситуација“,
рече Бериша, пренесе МИА.
Според лидерот на Демократската партија, Извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, јасно ја отсликал ситуацијата во Албанија – корупцијата, изборната фарса, заробената држава и контролата врз медиумите кои владеат.

Протестот почна со едноминутно молчење во знак на почит на двете деца кои ги усмрти пијан возач во Драч, за што опозицијата ги обвини владата и полицијата.
За одржување на јавниот ред и мир, пред протестот беше најавено дека ќе бидат ангажирани над 1 500 припадници на Министерството за внатрешни работи на Албанија, но по избувнувањето на тензиите, беа ангажирани дополнителни сили.
Во Албанија изминатиот период владеат жестоки тензии меѓу опозициските партии и власта на премиерот Еди Рама. Опозицијата бара итно формирање техничка влада која би ги организирала следните избори, обвинувајќи го Рама за корупција, изборен инженеринг и за деградација на демократските процеси во земјата.
Од друга страна, власта ги отфрла обвинувањата и тврди дека опозицијата преку протестите се обидува да ја дестабилизира државата.
Меѓународната заедница во неколку наврати апелираше на воздржаност и решавање на политичките разлики преку институционален дијалог наместо преку насилство на улиците.
