МЕПСО веќе го загуби спорот со фирмата од Сараево во т.н. ДАБ-постапка, според која македонската државна фирма треба да исплати пенали од 6 милиони евра. На денешниот брифинг за новинари, раководството објасни дека и покрај тоа се уверени дека ќе го добијат спорот во арбитражна постапка
Во меѓувреме МЕПСО избра нов изведувач на далноводот од Битола до Албанија. Конзорциумот е составен од хрватската „Далековод“, српската фирма „Кодар енергомонтажа“ и фирмата „Елнос“ со седиште во Бања Лука. Зад дел од тие фирми, обвинува опозицијата, стојат лица блиски до Александар Вучиќ и Милорад Додик. Директорот на МЕПСО одговара дека МЕПСО е тука да обезбеди завршување на проектот, а не да диктира кој да работи
Државниот електропреносен оператор АД МЕПСО ќе влезе во арбитражна битка со босанската компанија „Енергоивнест“ откако предарбитражната постапка водена пред ДАБ-телото (Dispute Adjudication Board) одлучи оти македонската компанија треба да му исплати шест милиони евра на изведувачот поради едностраното раскинување на договорот за изградба на 400-киловолтен далновод од Битола до македонско-албанската граница, информира на брифинг генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Љатифи.
Тој вели оти ќе одат со побарување од 19 милиони евра оти претходниот изведувач, „Енергоинвест“, во рокот предвиден за изградба на проектот, изградил само 24 темели од планираните 269 столба, што претставува само 4,4 отсто од вкупните работи.

Говорејќи за одлуката на ДАБ, Љатифи рече оти аргументите на АД МЕПСО биле отфрлени, но оти веднаш по одлуката во корист на „Енергоинвест“, била поднесена нота на несогласување. Раководството на МЕПСО со помош на извршена анализа на договорот утврдиле фундаментални грешки во предарбитражната постапка.
„Ние бевме помеѓу две позиции. Од една страна за оваа ситуација имавме консултации во Државниот завод за ревизија. Побарување од 7,7 милиони евра, тоа се 45% од вредноста на договорот. Значи, тоа е зголемување од 45% на вредноста на договорот. И ние се соочуваме исто така и ова да го напоменам дека од 2015 година, па досега, само по однос на исплатени камати, губиме речиси еден милион евра, плаќаме до уште еден милион евра. И сега ние имаме една ситуација каде што имаме една ДАБ-одлука којашто ги исфрлила сите наши аргументи и се прифатени сите нивни“,
рече генералниот директор на АД МЕПСО.
Говорејќи за хронологијата на настаните, Љатифи рече оти договорот со „Енергоинвест“ од Сараево е потпишан во 2020 година како „lump sum“ (клуч на рака), кој според законите ја опфаќа вредноста на сите непредвидени работи и строго исклучува можност за промена на цените. Во декември 2022 година, „Енергоинвест“ еднострано го напушта градилиштето по изградени само 24 темели од договорените 269 столбa, условувајќи го продолжувањето на работата со промена на цена.
Во март 2023 година поранешното раководство на АД МЕПСО им нуди анекс-договор од 2,8 милиони евра, кој бил вербално прифатен од „Енергоивнест“, но потоа писмено го одбиваат. Два месеци подоцна, македонската компанија повторно понудила анекс-договор, овој пат вреден 4,5 милиони евра, кој е одбиен од изведувачот кој бара дополнителни 7,7 милиони евра, што претставува 45 отсто од вредноста на основниот договор. Тогашниот Управен одбор на АД МЕПСО носи одлука за раскинување на договорот поради неисполнување на обврските, но сепак Надзорниот одбор ја стопира одлуката надвор од своите овластувања и му дава уште една шанса на изведувачот, иако поместувања на терен нема.

По промената на раководството на АД МЕПСО и по детална форензичка анализа и консултации со кредиторот на проектот ЕБОР, актуелното раководство официјално го раскинува договорот. Според информациите, „Енергоинвест“ немала сопствена оператива во земјава, туку се потпирала на изведувачи од Струшко-охридскиот Регион кои немале искуство со градење на електроенергетска инфраструктура.
„Напуштањето на градилиштето или престанокот со градежни работи или на друг начин јасно изразената намера да не се продолжи со исполнување на обврските е основ за раскинување на договорот од страна на МЕПСО. Во тој контекст од дописите на МЕПСО, особено оние кои се резултат на теренскиот увид или на доставените извештаи и краткорочни планови од страна на ‘Енергоинвест’ може да се потврди како напуштање на градилиште, прекин на градежните работи, а дадената изјава на генералниот директор на ‘Енергоинвест’ влезена во записник од состанокот одржан меѓу управните одбори на двете договорни страни во март 2024 година е јасно изразена намера ‘Енергоинвест’ да не продолжи со исполнување на обврските“,
вели Љатифи.
Додека се подготвува теренот за арбитража, минатата година на нов меѓународен тендер изградбата му е доделена на конзорциум предводен од хрватската компанија „Далековод“ – Загреб. Новиот договор изнесува 19,3 милиони евра, а дел од конзорциумот се и фирмите „Кодар енергомонтажа“ од Белград, Србија, и фирмата „Елнос“ со седиште во Бања Лука, Република Српска. Обвинувањата од опозицијата дека зад нив стојат лица блиски до Александар Вучиќ и Мирослав Додик. Запрашан за овие наводи, Љатифи рече оти МЕПСО е тука да обезбеди завршување на проектот, а не да диктира кој да работи.
„Тие што обвинуваат, можеби во претходниот договор биле позаинтересирани кои се подизведувачите отколку да се заврши проектот. За нас, ние не можеме да го диктираме пазарот и кои се компаниите што работат. За нас е битно тоа да биде според закон и проектот да се заврши навреме“,
кажа Љатифи.
Официјалниот старт со новиот изведувач е направен во март, набавената опрема од претходниот договор ќе биде вградена, а рокот за изведба на оваа алка од западниот електроенергетски прстен е 30 месеци.
