Украина и Русија пријавија стотици прекршувања на примирјето еден ден пред воената парада во Москва, која овој пат ќе се одржи во помал обем
Дводневниот прекин на огнот, кој рускиот претседател Владимир Путин го предложи по повод одбележување на Денот на победата, пропадна за неколку часа од официјалниот почеток. Украина и Русија пријавија стотици прекршувања на примирјето еден ден пред воената парада во Москва, која овој пат ќе се одржи во помал обем.

„Немаше дури ни симболичен обид за прекин на огнот на фронтот“,
изјави утринава украинскиот претседател Володимир Зеленски известувајќи за руско гранатирање, обиди за напади по линијата на фронтот и напади со беспилотни летала.
Воздухопловните сили на Украина објавија дека 67 руски беспилотни летала ја нападнале земјата во текот на ноќта, додека гувернерот на Днепар, Олександр Ханжа, рече дека клучниот источен украински регион бил погоден од беспилотни летала, артилерија и ракети најмалку 30 пати. Објави и дека три лица се повредени во нападите.
„Повеќе од 10 приватни куќи и возила се оштетени“,
додаде гувернерот на Днепар.
Зеленски вети дека Украина ќе одговори со иста мера на нападите.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави дека соборило стотици украински беспилотни летала и шест крстаречки ракети „нептун“ од украинско производство. Оттаму соопштија дека одговориле на прекршувањата на прекинот на огнот со иста мера.
Кремљ предложи прекин на огнот со Украина на 8 и 9 мај – датуми на кои ќе се одржат прославите на Денот на победата во Русија и воената парада на Црвениот плоштад во Москва. Киев го отфрли предлогот и предложи трајно примирје со кое би се ставило крај на војната.
