Се очекува администрацијата на Трамп да поднесе жалба на ваквата пресуда

Федералниот суд во САД ги прогласи за нелегални царините од 10 отсто на претседателот Доналд Трамп за сите стоки, што е втор голем удар врз неговите клучни економски политики оваа година, пишува Си-ен-ен. Судии на Американскиот суд за меѓународна трговија вчера со два наспрема еден пресудиле дека администрацијата на Трамп нема законско оправдување за воведување на царините.
Во пресудата се наведува дека администрацијата се повикала на член 122 од Законот за трговија од 1974 година, но судиите утврдиле дека аргументацијата за воведување царински давачки не е доволна. Администрацијата започнала со спроведување на овие царини откако Врховниот суд претходно годинава ги прогласи нејзините најшироки даноци за нелегални.
„Царинската проглас на претседателот не наведува ’големи и сериозни дефицити во платниот биланс на Соединетите Американски Држави’ како што Конгресот го замислил тој термин“,
се вели во образложението од мнозинството судии.
Член 122 му дозволува на претседателот да воведува тарифи до 15 отсто за целиот увоз без да добие одобрение од Конгресот доколку се исполнети одредени критериуми. Во овој случај, судиите сметаат дека аргументот на администрацијата за тарифите е недоволен.
Пресудата, се додава во написот, ѝ наредува на администрацијата да престане да собира царини од тужителите во овој случај и да им ги врати веќе платените износи. Иако одлуката се однесува само на компаниите што ја поднесоа тужбата, таа е значаен удар за администрацијата на Трамп и нејзината способност да воведува царини.
Царините би можеле да останат во сила за сите други увозници до јули. Администрацијата сè уште има царини што се однесуваат на одредени индустрии и веќе го започна процесот на воведување низа нови давачки на национално ниво.
Се очекува администрацијата на Трамп да поднесе жалба на вчерашната пресуда.
Во февруари годинава Врховниот суд пресуди дека широк спектар на царини на Трамп се нелегални. Како одговор, Трамп воведе нови глобални царини, повикувајќи се на претходно нетестирана правна власт според Законот за трговија од 1974 година.
Овие правни случаи го одразуваат хаосот и неизвесноста што ги придружуваа економските политики на Трамп, со чести најави за нови царини во текот на изминатата година, додека увозниците се мачеа да ги разберат најновите промени.
„Многу работи остануваат неизвесни. Увозниците сега можат да поднесат барање за враќање на царини што Врховниот суд ги прогласи за нелегални. Сепак, се очекува процесот да се воведува постепено и не е јасно кога системот ќе биде отворен за сите барања. Плаќањата би можеле да бидат одложени доколку администрацијата преземе понатамошни чекори што би можеле да влијаат на износот на повратните средства“,
се образложува во написот на Си-ен-ен.
