За првото дело, судијата Ивица Стефановски го осуди обвинетиот на казна затвор од пет години, за загрозување на сигурноста Јовановски доби три години затвор и за наведување и помагање во самоубиство пет години
Обвинителката Адела Бојчевиќ во изјава за медиумите рече дека Судот изрекол максимални казни за сите три кривични дела и максимална единствена казна што можел да ја изрече како збир од поединечните
Единствена казна затвор од 12 години му одреди Основниот кривичен суд Скопје на обвинетиот Стојанче Јовановски, чија сопруга и малолетна ќерка на 2 март годинава паднаа од балкон на зграда во скопски Карпош.

Судијата Ивица Стефановски го прогласи за виновен за сите три кривични дела за кои му се судеше на Јовановски – телесна повреда, односно повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
За првото дело Стефановски го осуди обвинетиот на казна затвор од пет години, за загрозување на сигурноста Јовановски доби три години затвор и за наведување и помагање во самоубиство пет години.
Пред изрекувањето на пресудата, судијата ги опиша настаните кои му претходеле на трагичниот настан. Наведе како Јовановски физички ја малтретирал и навредувал Ивана додека со нив бил Мартин Саздов, во чие возило се превезувале дента на 2 март на повеќе локации во Скопје, пред да стигнат до станот во Карпош 4.
„Овој кривичноправен настан отвори широка дебата и ги отвори прашањата за последиците од семејно насилство“,
рече судијата Стефановски.
Тој на предлог на јавната обвинителка Адела Бојчевиќ веднаш донесе одлука на Јовановски да му биде продолжен притворот до правосилноста на пресудата.
Обвинетиот Јовановски изрекувањето на казната го проследи со насмевка на лицето, што можеше да се забележи при излегувањето од судницата од која беше изведен со полициска придружба со лисици на рацете.
Обвинителката Бојчевиќ во изјава за медиумите рече дека Судот изрекол максимални казни за сите три кривични дела и максимална единствена казна што можел да ја изрече како збир од поединечните.
