Јавниот радиодифузен сервис на Латвија објави дека дроновите влегле во латвискиот воздушен простор од правец на Русија, но оти не мора да значи дека се руски
Вооружените сили на Латвија соопштија дека две беспилотни летала влегле на латвиска територија и се урнале во источниот регион Латгале.

Во текот на ноќта, надлежните служби издале СМС-предупредувања до жителите на областите Балви, Луџа и Резекне на истокот на земјата. Дроновите се урнале околу 5:30 часот наутро. На местото на инцидентот се присутни единици на Националните вооружени сили, полицијата и противпожарната служба.
Јавниот радиодифузен сервис на Латвија (ЛСМ) објави дека дроновите влегле во латвискиот воздушен простор од правец на руска територија, но, како што се додава, не мора да значи дека се руски дронови.
Полицијата соопшти дека еден од дроновите се урнал врз складиште за нафта во градот Резекне, на околу 40 километри од руската граница. Погодил четири празни резервоари за нафта. Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавија дека на местото избувнал пожар, кој подоцна бил изгаснат.
Во градот Резекне денеска сите училишта ќе бидат затворени.
