Судијката рече дека како олеснителни околности биле земени предвид нивното претходно неосудување и фактот дека се семејни луѓе, како и тоа дека нивното постапување немало директна врска со пожарот што избувна во „Пулс“, но потврди дека со неизвршувањето на должноста му овозможиле имотна корист на сопственикот на објектот преку избегнување прекршочни казни

Основниот кривичен суд Скопје денеска ги прогласи за виновни тројцата полициски службеници – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков во врска со т.н. кабаре „Пулс“ во кое лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени
Станува збор за еден од трите предмети што ги води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое има посебно одделение за водење истраги против полициските службеници кои ќе се огрешат пред законот.
Командирот на полициската станица во Кочани, Александар Темелков, доби условна казна затвор од две години, додека полицајците Кире Богатинов и Горан Лазаров се осудени на условни казни од по една година.
Ниту еден од обвинетите, како и нивните адвокати, не присуствуваа на денешното објавување на пресудата.
Судијката Лидија Петровска во образложението рече дека полицајците своите службени должности ги извршиле само привидно и дека формата била запазена, но суштината изостанала.
Иако полицајците Богатинов и Лазаров констатирале прекршоци во т.н. кабаре „Пулс“, тие воопшто не побарале документи за фирмата. Наместо тоа, во записниците внеле податоци што не произлегуваат од официјален документ, повикувајќи се на „општопознат факт дека лицето Дејан Јованов е сопственик на дискотеката“. Поради таквиот пристап, рече судијката, обвинетите ја насочиле постапка кон правен субјект кој во моментот не ја вршел дејноста и бил неактивен.
Командирот Темелков, иако официјално поседувал документи од Министерството за економија од кои јасно се гледало која фирма е носител на лиценцата, одобрил прекршочната постапка да се води против правен субјект кој во моментот на контролата не ја вршел дејноста, односно барањата не се поднесени спрема правното лице ДПТУ „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов.
„Формата била запазена, но суштината изостанала. Површното извршување на должноста создава впечаток дека некои субјекти се ’недопирливи‘ и се надвор од дофатот на законот. Во правна држава тоа не смее да постои“,
истакна судијката Петровска.
Кога службеното лице, нагласи таа, постапува површно, без целосно утврдување на фактите и без да ја постигне законската цел на постапувањето, тоа не е технички пропуст, туку неизвршување на службената должност.
Судијката рече дека како олеснителни околности биле земени предвид нивното претходно неосудување и фактот дека се семејни луѓе.
Исто така, судот оценил дека нивното постапување немало директна врска со пожарот што избувна во „Пулс“, но потврди дека со неизвршувањето на должноста му овозможиле имотна корист на сопственикот на објектот преку избегнување прекршочни казни.
Обвинетите полицајци ќе треба да платат и по 7 000 денари за судски трошоци.
Против пресудата странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
На претходното рочиште, кога беа завршните зборови, јавната обвинителка Спасенка Андонова побара осудителна пресуда за обвинетите поради неизвршување на службената должност и прибавување имотна корист, а одбраната оцени дека обвинението е неосновано и побара ослободителна пресуда.
