„Без договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец, нафтата ќе остане над 100 долари, а цените на бензинот во САД ќе достигнат пет долари за галон до јуни“, велат за Ројтерс аналитичарите од консултантската компанија „Евразија груп“

Цените на нафтата денеска скокнаа за околу шест отсто откако Иран ги засили нападите врз Обединетите Арапски Емирати и бродовите во блискоисточниот залив во текот на изминатите 24 часа, што е најсериозната ескалација откако стапи во сила прекинот на огнот меѓу САД и Иран на почетокот на април.
Ројтерс пишува оти фјучерсите на суровата нафта „брент“ се зголемиле за 6,27 долари, или 5,8 отсто, и достигнале 114,44 долари за барел, додека американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) се зголемила за 4,48 долари, или 4,4 проценти и достигнала 106,42 долари.
Иран денеска погоди неколку брода во Ормускиот Теснец и запали нафтено пристаниште на ОАЕ.
ОАЕ соопштија дека нивната воздушна одбрана се справувала со закани со ракети и беспилотни летала, додека пожарникарите се бореле со пожар во голема зона на нафтената индустрија по нападот со беспилотни летала за кој властите рекоа дека потекнува од Иран.
Американската војска соопшти дека уништила шест ирански мали чамци и пресретнала ирански крстосувачки ракети и беспилотни летала испукани од Техеран, додека се обидувал да го спречи новиот американски поморски обид за отворање на бродовите низ Ормускиот Теснец.
Околу 20 отсто од глобалните резерви на нафта и течен природен гас поминале низ теснецот пред САД и Израел да започнат напади врз Иран на 28 февруари.
„Без договор за повторно отворање на Ормускиот теснец, нафтата ќе остане над 100 долари, а цените на бензинот во САД ќе достигнат пет долари за галон до јуни“,
велат за Ројтерс аналитичарите од консултантската компанија „Евразија груп“.
Претходно во текот на денот американската војска соопшти дека два американски трговски брода го поминале теснецот, без да каже кога. Но, Иран негираше дека се случиле какви било преминувања.
