Министерството за надворешни работи на ОАЕ изјави дека нападите претставуваат опасна ескалација, неприфатлив прекршок и директна закана за безбедноста, стабилноста и територијалната безбедност на Емиратите, додавајќи дека тие се спротивни на меѓународното право и Повелбата на ООН

Властите на Обединети Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека во индустриската зона Фуџаира избувнал пожар по напад со дрон, произведен во Иран.
Во нападот, како што пишува Си-ен-ен, тројца индиски државјани биле полесно повредени и пренесени во болница.
„Тимовите за цивилна одбрана на Фуџаира веднаш почнаа да реагираат на пожарот и продолжуваат со напорите да го стават под контрола“,
соопштија властите.
Нападот со беспилотно летало и пожарот се случија откако властите на Емиратите објавија дека ОАЕ пресретнале три ирански ракети, први откако стапи во сила договорот за прекин на огнот со Иран.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ изјави дека нападите претставуваат опасна ескалација, неприфатлив прекршок и директна закана за безбедноста, стабилноста и територијалната безбедност на Емиратите, додавајќи дека тие се спротивни на меѓународното право и Повелбата на ООН.
ОАЕ изјавија дека нема да се воздржуваат при заштитата на својата безбедност и суверенитет под никакви околности и дека го задржуваат своето целосно и легитимно право да одговорат во согласност со меѓународното право со цел да го заштитат својот суверенитет, националната безбедност и безбедноста на својата територија, граѓаните, жителите и посетителите.
Во соопштението, исто така, се осудува таргетирањето на цивили и цивилни објекти како неприфатливо според сите правни и хуманитарни стандарди.
Оттаму повикуваат на итно запирање на нападите и целосно почитување на прекинот на непријателствата.
Фуџаира е најголемото пристаниште и централно складиште за нафта во ОАЕ, кое дури и пред примирјето беше цел на напади со беспилотни летала.
