„Испративме допис до училиштата дека мора да се врати една стара практика која постоеше и покажуваше ефекти, а тоа е на големите и малите одмори да има дежурни наставници, а не дежурни ученици, кои ќе водат грижа за настаните во училиштето, не само по ходниците, туку и во дворот на училиштето“, изјави министерката за образование и наука
По случајот со врсничкото насилство во скопско Ѓорче Петров, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека до градоначалниците на општините е испратен допис во кој се повикуваат во училиштата да се врати практиката за поставување дежурни наставници на малите и на големите одмори.

„Испративме допис до училиштата дека мора да се врати една стара практика која постоеше и покажуваше ефекти, а тоа е на големите и малите одмори да има дежурни наставници, а не дежурни ученици по ходниците, кои ќе водат грижа за настаните во училиштето, не само по ходниците, туку и во дворот на училиштето“,
изјави денеска министерката Весна Јаневска.
Наставниците, како што рече, мора да имаат увид како се однесуваат нивните ученици затоа што тоа е дел од воспитно-образовниот процес, без разлика што настанот во Ѓорче Петров се случил надвор од училишната зграда.
Јаневска вели дека случајот е пријавен во Државниот просветен инспекторат.
„Со овој допис ги задолживме дежурните наставници да бидат на видно место за кога ќе оди Инспекторатот во контрола да ги види. Се надевам дека ќе даде некаков ефект и оваа мерка која ја промовираме. И градоначалникот, и директорот, и наставниците треба да си ги спроведат своите обврски така како што е пропишано. МОН го прави тоа што треба да го направи. Оваа мерка е задолжителна и е испратена до сите училишта во државата“,
додаде Јаневска.
Во врска со случајот со врсничкото насилство во Ѓорче Петров, МВР денеска поднесе кривични пријави против четири малолетнички, а според најавите во текот на утрешниот ден кривични пријави ќе бидат поднесени и против родители на инволвираните малолетници.
