Бранителката на Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, побара од Обвинителството по службена должност да поведе постапка поради заканите на родителите кон нејзиниот клиент. Имено, Коцевска се реферира на извиците на родителите од минатото рочиште кога тие на барањето за укинување на притворот на Јованов рекоа: „Срамота“ „Пуштете го Деко, ние ќе му пресудиме“, „Кучко“
Одбраната на првообвинетиот за пожарот во „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, денеска побара од Судот да ја исклучи јавноста, односно родителите на загинатите од натамошниот тек на постапката, поради навредите и заканите што на претходното рочиште ги упатија до Јованов, откако одбраната побара укинување на мерката притвор.

Бранителката на Јованов, адвокатката Ивана Коцевска, побара од Обвинителството по службена должност да поведе постапка поради заканите на родителите кон нејзиниот клиент. Имено, Коцевска се реферира на извиците на родителите од минатото рочиште кога тие на барањето за укинување на притворот на Јованов рекоа: „Срамота“ „Пуштете го Деко, ние ќе му пресудиме“, „Кучко“.
„Имајќи го предвид претходното рочиште, кога пред почетокот јас како бранител на првообвинетиот побарав укинување на притворот без притисок на јавноста, токму јавноста без никаква почит кон Судот упати закана кон Дејан Јованов и навреда кон мене. Јас бев фрапирана од таквото однесување на јавноста. Сега официјално поднесувам предлог за исклучување на јавноста од натамошниот тек на постапката. Судот е должен да ја исклучи јавноста поради реакции со кои се ускратува правото на обвинетите да ги бранат своите тези. Кај обвинетите постои впечаток дека се осудени уште пред завршување на постапката и селективност во примена на мерките за обезбедување присуство“,
рече Коцевска.
Таа наведе и дека на крајот на минатото рочиште родителите ѝ го блокирале патот на излегување од паркингот пред судницата, поради што интервенирала полицијата.
„Јас сум тука да бранам клиент, а не да стравувам за мојата безбедност“,
додаде Коцевска.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која го води судскиот процес, рече дека лицата за кои Коцевска бара исклучување не се јавност туку оштетени во постапката и дека биле предупредени за однесувањето на рочиштето. Во однос на инцидентот на паркингот, судијката рече дека се преземени мерки со измени во распоредот на паркингот. Од Обвинителството, пак, наведоа дека причините поради кои одбраната на Јованов бара исклучување не се предводени во Законот за кривична постапка.
Во однос на барањето за поведување постапка поради заканите, од Обвинителството кажаа дека тие не се со таков интензитет за да има основ да се поведе постапка.
На денешното рочиште Судот соопшти дека Обвинителството дало негативно мислење на барањата за укинување на куќниот притвор на обвинетиот службеник од Министерството за економија, Беким Хаџиу, и на мерката притвор на обвинетиот Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко. На ова жестоко реагираа бранителите на двајцата обвинети, кои рекоа дека однесувањето на Обвинителството ги преминало границите во однос на мерките за обезбедување присуство кое веќе преминува во казнување на обвинетите.
На рочиштето не се појавија сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларова, поради што Судот одлучи да се прочитаат нивните искази дадени во истрагата. Како што кажа судијката, во судницата е присутен директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, кој треба да биде сослушан, односно да одговори на прашања поврзани со обдукциските наоди.
