Иранските државни медиуми соопштија дека планот од 14 точки на Техеран бара од Вашингтон да ги повлече своите сили од близина на границите на Иран, да ја прекине поморската блокада на иранските пристаништа и да престане со сите непријателства – вклучително и израелската офанзива во Либан, пренесува Би-би-си
Иранските државни медиуми денеска пренесоа дека Техеран добил одговор од Соединетите Американски Држави (САД) на нивниот последен мировен предлог, кој, како што се наведува, содржи 14 точки, јавуваат светските медиуми.

Според новинската агенција Тасним, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјавил дека одговорот, кој бил доставен со посредство на Пакистан, во моментот се разгледува, додека од Вашингтон засега нема потврда дека му одговориле на Техеран.
Иранските државни медиуми соопштија и детали од планот што Техеран пред неколку дена го достави до Вашингтон преку пакистанските посредници. Се наведувам дека планот содржи 14 точки, во кои се бара Соединетите Држави да ги повлечат своите сили што се наоѓаат во близина на границите на Иран, да ја прекинат поморската блокада на иранските пристаништа и да престанат со сите непријателства, вклучително и запирање на израелската офанзива во Либан.
Иранските државни медиуми соопштија дека планот од 14 точки на Техеран бара од Вашингтон да ги повлече своите сили од близина на границите на Иран, да ја прекине поморската блокада на иранските пристаништа и да престане со сите непријателства – вклучително и израелската офанзива во Либан, пренесува Би-би-си.
Исто така, Иран повикува на постигнување договор меѓу двете земји во рок од 30 дена.
Според овој предлог, Техеран повикува двете завојувани страни да се фокусираат на завршување на војната во овој период од 30 дена, наместо на продолжување на тековниот прекин на огнот.
Инаку, осврнувајќи на предлогот од Иран, американскиот претседател Доналд Трамп вчера на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) го доведе во прашање прифаќањето на планот, фрлајќи сомнеж врз неговата перспектива со наводите дека Иран „сè уште не платил доволно висока цена“.
„Тие (Иран) сè уште не платиле доволно висока цена за она што му го направија на човештвото и на светот во последните 47 години“,
наведе Трамп.
Разговарајќи со новинарите истиот ден во Палм Бич Флорида, тој рече дека сè уште не го разгледал планот детално.
„Ми кажаа за концептот на планот. Сега ќе ми го дадат точниот текст“,
рече американскиот претседател.
Прашан од Би-би-си околу можноста за обновување на воените напади врз цели во Иран, Трамп рече дека тоа останува како можност, доколку Техеран се однесува или направи нешто лошо.
„Но, ќе видиме“,
додаде тој.
Инаку, според иранските државни агенции најновиот предлог на Терхеран е всушност одговор на планот на Соединетите Држави од девет точки, кој предвидуваше двомесечно примирје.
Американскиот претседател во петокот упати писмо до членовите на Конгресот, наведувајќи дека конфликтот со Иран е во прекин по стапувањето во сила на примирјето на 8 април, иако Иран сè уште претставува значајна закана за САД и нивните воени сили распоредени во регионот на Блискиот Исток.
Трамп, исто така, вели дека тековната блокада на иранските пристаништа не претставува продолжување на конфликтот.
„Тоа е многу пријателска блокада. Никој дури и не ја оспорува“,
рече тој.

Трамп смета и дека не му треба одобрување од Конгресот за војната во предвидениот законски рок, бидејќи со стапувањето во сила на примирјето од 8 април прекинало да тече времето за таквата обврска.
Инаку, според законот, американскиот претседател мора да добие одобрение од Конгресот во рок од 60 дена од известувањето на пратениците за воена акција, или да ги прекине непријателствата.
Петокот беше 60. ден откако Трамп официјално го извести Конгресот за американските напади врз Иран на 2 март, иако САД и Израел ги започнаа своите напади два дена порано, на 28 февруари.
Во различни моменти за време на серија јавни изјави истиот ден, Трамп, исто така, го повтори својот став дека „Иран никогаш не може да има нуклеарно оружје“.
Иран, пак, постојано негира дека има намера да направи нуклеарна бомба, наведувајќи дека неговата програма е само за мирни цели, иако земјата е единствената држава без нуклеарно оружје што има збогатен ураниум близу до ниво на оружје.
Најновите забелешки на Трамп доаѓаат во време кога членовите на американскиот Конгрес, вклучително и многумина од неговите републиканците, јавно ги искажуваат своите фрустрации од она што многумина го сметаат за скапа и комплексна војна со сомнителни цели.
Републиканскиот сенатор од Мисури, Џош Холи, ја повика администрацијата на Трамп да започне со прераспоредување на силите подалеку од зоната на конфликтот, наведувајќи дека на американскиот претседател ќе му биде потребно одобрение од Конгресот доколку сака да ја продолжи војната.
Неговата колешка од Аљаска, Лиза Мурковски, инаку, позната критичарка на Трамп, фрли сомнеж врз успехот на операцијата и сите потенцијални разговори.
„Иако администрацијата може да укажува на тековните преговори, настаните на терен и реториката што доаѓа од Техеран раскажуваат поинаква приказна. Но, ако САД нагло и предвреме се повлечат, речиси сигурно ќе ги оставиме нивните критични капацитети недопрени. И тоа не е ризик што сум спремна да го преземам. Но, одговорот не е бланко чек за уште една бесконечна војна“,
вели Мурковски.
