„Таа потекнува од претходниот менаџмент на МЕПСО, во време кога директор на правниот сектор бил Билен Салији, поранешен министер за правда од редовите на ДУИ. Значи, директор од ДУИ ја започнал постапката за раскинување, затоа што и самите увиделе дека договорот е нефункционален и ги чини граѓаните многу скапо“, се вели во реакцијата од ВЛЕН на денешните прозивки од ДУИ до актуелниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи
Демократската унија за интеграција (ДУИ) брани проект за кој и нивните директори во МЕПСО биле на став дека треба да се раскине, се вели во реакцијата на коалицијата ВЛЕН, која е дел од владејачкото мнозинство, по барањата од ДУИ упатени до актуелниот генерален директор на МЕПСО, Бурим Латифи, во врска со раскинувањето на договорот со сараевската компанија „Енергоинвест“, за проектот за интерконекција со Албанија.

Од владејачката коалиција на партии на Албанците тврдат дека постапката за раскинување на договорот била започната уште во време додека со МЕПСО раководеле кадри од ДУИ и дека сега некој во опозициската партија има длабок интерес да штити проект кој, како што наведуваат од ВЛЕН, за пет години имал реализација од само четири проценти, а ја чинел државата огромни суми пари.
Инаку, изминатите три дена од ДУИ бараат истрага против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, по меѓународна арбитражна одлука со која државата е задолжена да исплати шест милиони евра отштета.
Од опозициската партија тврдат дека Латифи ја раскинал постојната договорна обврска со компанијата „Енергоинвест“ од Сараево и ја заменил со „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“ од Бања Лука, компанија која, како што велат од ДУИ, е блиска до Милорад Додик.
Во денешната реакција, од ВЛЕН, наведуваат декја иницијативата за раскинување на договорот со „Енергоинвест“ не е од денес, ниту е нечија лична одлука.
„Таа потекнува од претходниот менаџмент на МЕПСО, во време кога директор на правниот сектор бил Билен Салији, поранешен министер за правда од редовите на ДУИ. Значи, директор од ДУИ ја започнал постапката за раскинување, затоа што и самите увиделе дека договорот е нефункционален и ги чини граѓаните многу скапо“,
велат од ВЛЕН.
Оттаму посочуваат дека ова го потврдил и поранешниот генерален директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани, кадар на ДУИ, кој јавно изјавил дека би го раскинал договорот.
„Неговите зборови се јасни – немало активности на терен, немало основ за зголемување на цената, договорот бил фиксен, а компанијата практично не функционирала. Ова не се ставови на ВЛЕН, ова се ставови на луѓе од ДУИ. Фактите се непобитни. Проектот имал реализација од едвај четири проценти во период од четири години. Договорот бил истечен. Со години немало градежни активности, туку само обиди за дополнителни финансиски барања спротивни на договорот. Во исто време, државата плаќала камати за кредит уште од 2015 година, додека проектот стоел“,
наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата додаваат дека одлуката за раскинување не била донесена со импровизација, ниту политички, туку дошла како резултат на детална и длабока анализа, изработена во рамки на проект поддржан од Агенцијата на Соединетите Држави за меѓународен развој (УСАИД), со јасни насоки за постапување.
Секој чекор понатаму, велат од ВЛЕН, бил спроведен во согласност со правилата на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), под чиј надзор се реализирал проектот.
И покрај ова, додаваат од владејачката коалиција, ДУИ сега се обидува да создаде паника со бројки и конструкции, избегнувајќи да ги постави најважните рашања.
„Зошто во време на ДУИ не се градел овој проект за поврзување со Албанија? Кој имал интерес проектот да стои, а да се испумпуваат пари? Нефи од Охрид? Врвот на ДУИ? Кој профитирал додека се плаќале камати и се барале анекси? Истите тие?“,
наведуваат од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ со прозивките и обвинувањата не ги брани граѓаните, туку системот што дозволувал проект со години да стои во место, додека во меѓувреме се натрупувале финансиски трошоци.
Затоа, како што наведуваат од ВЛЕН, загриженоста на ДУИ е всушност паника, затоа што системот се менува, вистината излегува на видело, а испумпани пари од државни проекти повеќе не се влеваат на приватни сметки.
„ДУИ може да поставува прашања колку сака. Но одговорите водат директно до нив. Тие не градеа ниту еден проект од интерес на Албанците. Тие блокираа, трошеа и прибираа пари за себе“,
подвлекуваат од ВЛЕН во реакцијата.

Од Демократската унија за интеграција денеска како целосно неприфатлив го оценија молкот на актуелниот директорот во врска со раскинатиот договор, кој, како што велат од партијата три дена не дава никакво објаснување пред јавноста за штетата од околу шест милиони евра што и ја нанел на државата.
Во таа насока, од ДУИ сметаат дека генералниот директор на МЕПСО иима директна обврска пред граѓаните да одговори на три прашања: „Зошто е раскинат договорот со првата компанија?“, Врз која основае склучен новиот договор со компанија поврзана со Милорад Додик?“ и „Како дошло до финансиска штета од милиони долари“?
Од ДУИ, уште еднаш го повикаа Јавното обвинителство да го истражи случајот, а во рамките на своите надлежности истото да го стори и Државната комисија за спречување на корупцијата.
