„Нам ни е јасно дека преку фиктивни договори и нереализирани обврски се испумпувале пари на граѓаните кон фирми на ДУИ, кон фирми на блиски лица на Али Ахмети и Бујар Османи. Затоа е паниката голема. Ние не се согласуваме со нови анекси од над 8 милиони евра, пари на граѓаните, кои ќе завршат во џебовите на Али Ахмети и Бујар Османи“, велат од коалицијата
Нагласуваат дека обидот на ДУИ да ја претстави постапката пред ДАБ како конечна пресуда е манипулација и велат дека станува збор за предарбитражен механизам, кој не претставува правосилна одлука и каде државата има целосно право да ги искористи сите правни средства

Коалицијата ВЛЕН, која е дел од владејачкото мнозинство, ја обвинува опозициската ДУИ дека брани приватни интереси и сомнителни договори околу проектот за интерконекција со Албанија. ДУИ, како што додаваат од ВЛЕН, избрала на напаѓа и да манипулира, за да го сокрие сопствениот неуспех и интересите што стојат зад него.
Реакцијата на ВЛЕН доаѓа откако изминативе два дена од ДУИ бараат истрага против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, по меѓународна арбитражна одлука со која државата е задолжена да исплати шест милиони евра отштета.
Од партијата тврдат дека Љатифи ја раскинал постојната договорна обврска со компанијата „Енергоинвест“ од Сараево и ја заменил со „ЕЛНОС БЛ ДООЕЛ“ од Бања Лука, компанија која, како што се велат од ДУИ, е поврзана со деловни интереси блиски до Милорад Додик.
Од ВЛЕН денеска рекоа дека раскинувањето на договорот, кој не се реализирал, но повлекол многу пари од џебот на граѓаните е причина за паника во ДУИ бидејќи, како што велат, тие биле корисници на испумпаните пари.
„Време е да се престане со навиката политиката да се користи за лично богатење на десетина фамилии од врвот на ДУИ“,
велат од ВЛЕН.
Во соопштението, ВЛЕН изнесува контраобвинувања за ДУИ велејќи дека во овој проект како подизведувач, во време на нивното владеење, се појавувале лица исклучиво блиски до врвот на ДУИ, меѓу кои и Нефи од Охрид, за кој велат дека бил лично поврзан со Али Ахмети и со Бујар Османи.
„Нам ни е јасно дека преку фиктивни договори и нереализирани обврски се испумпувале пари на граѓаните кон фирми на ДУИ, кон фирми на блиски лица на Али Ахмети и Бујар Османи. Затоа е паниката голема. Ние не се согласуваме со нови анекси од над 8 милиони евра, пари на граѓаните, кои ќе завршат во џебовите на Али Ахмети и Бујар Османи“,
додаваат од ВЛЕН.
Оттаму додаваат дека компанијата што ДУИ ја брани, за повеќе од пет години имала реализација од едвај четири отсто. Велат дека прокетот бил целосно закочен и без активности на терен, а од друга страна се отворале барања за дополнителни средства и анекси кои оделе до 50 отсто од вредноста на договорот.
„ДУИ денес зборува за штета, но ја премолчува вистинската штета која се создаваше со години. Државата плаќаше камати за кредит уште од 2015 година, без проектот да се реализира, а според анализите на МЕПСО, секоја година застој значи дополнителни милионски загуби“,
велат од ВЛЕН.
Според ВЛЕН, одлуката за раскинување на претходниот договор не е самоволна, туку е донесена по детална форензичка анализа во целосна согласност со процедурите на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
„Секој чекор и раскинувањето на договорот и новата постапка е направен со одобрение и под надзор на ЕБРД. Тоа е меѓународна институција која не дозволува политички импровизации, туку работи исклучиво врз основа на правила, процедури и факти“,
се додава во соопштението.
Нагласуваат дека обидот на ДУИ да ја претстави постапката пред ДАБ како конечна пресуда е манипулација и велат дека станува збор за предарбитражен механизам, кој не претставува правосилна одлука и каде државата има целосно право да ги искористи сите правни средства.
Од ВЛЕН информираат дека проектот конечно се движи во позитивна насока и оти новиот тендер го добил конзорциум предводен од хрватската компанија „Далековод“ која е дел од „Кончар груп“, која поседува меѓународно искуство и работи според најстроги европски стандарди.
Од коалицијата додаваат дека паниката кај нивните политички опоненти доаѓа од фактот што „времето во кое тие станаа буржоазија на грбот на Албанците, заврши“ и поради тоа што конечно се гледа дека се гради.
„Проектот кој тие го држеа ‘мртов’ со години, денес се движи и ќе биде реализиран. ДУИ не изгради ниту едно сериозно инфраструктурно или енергетско поврзување со Албанија или Косово. Сите проекти беа блокирани, одложувани и закочени.Затоа нивната денешна реакција не е загриженост за граѓаните, туку паника од тоа што се менува реалноста. ДУИ се дели и распаѓа, додека ВЛЕН се обединува и расте“,
додаваат од ВЛЕН.
