Косовскиот претседател го откажа патувањето во Вашингтон и ја смени насловната фотографија на Фејсбук, односно го постави симболот на некогашната ОВК
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, го постави симболот на некогашната ОВК како насловна фотографија на својата фејсбук-страница, откако Специјалното обвинителство во Хаг вчера покрена обвинение против него за воени злосторства и за злосторства против човештвото.
Освен промената на насловната фотографија, Тачи досега не се огласи за обвинението против него и против други поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, како и против лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на Собранието во Приштина, Кадри Весели.
По информацијата за обвинението, Тачи ја откажа средбата со српското раководство што требаше да се одржи в сабота, на 27 јуни, во Вашингтон, а која ја организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел.
По ова, учеството на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, која требаше да се одржи во Белата куќа, го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти.
Косовскиот претседател вчера тргна на пат за Вашингтон, меѓутоа по објавувањето на веста за обвинението го прекина патувањето и се врати во земјата.
Вчера беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово покренало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.
Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април му е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка.