Растот на цените следува по неуспешните директни преговори меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, како и по новите тензии околу Ормускиот Теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас
Новата енергетска криза силно ја погодува и Азија, регион кој пред почетокот на конфликтот примаше околу 80 отсто од нафтата и гасот што минуваа низ Ормускиот Теснец. Азиските земји веќе се соочуваат со недостиг на сурова нафта, природен гас, пластика и ѓубрива, додека растечките цени дополнително ги продлабочуваат економските последици
Цената на суровата нафта од типот „брент“ од утрово надмина 125 долари за барел, достигнувајќи нов максимум од почетокот на воената ескалација на Блискиот Исток, но и по најавите дека американскиот претседател Доналд Трамп разгледува продолжување на поморската блокада на иранските пристаништа, пренесува Си-ен-ен.

Јунските фјучерси за „брент“ скокнаа за повеќе од 12 отсто и накратко се искачија над 125 долари за барел, додека американската сурова нафта порасна за повеќе од три отсто и се тргуваше за над 110 долари за барел.
Растот на цените следува по неуспешните директни преговори меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, како и по новите тензии околу Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.
Новата енергетска криза силно ја погодува и Азија, регион кој пред почетокот на конфликтот примаше околу 80 отсто од нафтата и гасот што минуваа низ Теснецот. Азиските земји веќе се соочуваат со недостиг на сурова нафта, природен гас, пластика и ѓубрива, додека растечките цени дополнително ги продлабочуваат економските последици.
Дополнителен притисок трпат и азиските авиокомпании, откако цените на авионското гориво се зголемија за повеќе од двојно. Неколку регионални превозници, меѓу кои „Квантас“, „Ер Њу Зеланд“, „Виетнам ерлајнс“ и „Ер Азија“, веќе ги намалија летовите поради зголемените оперативни трошоци.
Покрај енергетскиот сектор, кризата ги погодува и индустриските синџири. Азија, како еден од клучните светски центри за производство на бакар и никел, се соочува и со недостиг на сулфур, како важен нуспроизвод во енергетската индустрија, чие снабдување е нарушено поради конфликтот.
Индонезија, најголемиот светски производител на никел, веќе го намалува производството.
Во обид да ги ублажат последиците, дел од азиските економии започнаа со диверзификација на енергетските извори. Јужна Кореја го зголемува увозот на енергенси од САД, Алжир и Оман, додека Кина засега полесно го амортизира шокот благодарение на големите стратешки резерви и поразновидната енергетска структура.
Сепак, економските последици сè повеќе се чувствуваат кај населението. Повисоките цени на горивата веќе влијаат врз секојдневниот живот на милиони луѓе низ Азија, како од земјоделците во Тајланд до транспортните работници на Филипините.
Според информации на Си-ен-ен, Трамп на состанок со најблиските советници побарал американската поморска блокада на иранските пристаништа да продолжи, освен ако Техеран не прифати ограничувања на својата нуклеарна програма.
Во Белата куќа веќе се разгледуваат и опции за подолгорочно ограничување на движењето низ Ормускиот Теснец.
