Зеленски додава дека Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, врз основа на меѓувладини договори со партнерите, ќе ја дефинира рамката за соработка – само за да се осигури дека украинските технологии и украинското оружје нема да завршат во руски раце

Украина се подготвува да извезува оружје бидејќи земјата произведува повеќе отколку што им е потребно на нејзините вооружени сили, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното обраќање.
Тој вели дека Украина во некои производствени области има и до 50 отсто вишок капацитет.
„Извозот на украинско оружје ќе стане реалност. Украинската војска секогаш ќе има право на приоритет и доволно залихи, ќе земе сè што ѝ е потребно, а количината над тоа ќе биде извезена“,
додаде тој.
Зеленски додава дека Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, врз основа на меѓувладини договори со партнерите, ќе ја дефинира рамката за соработка – само за да се осигури дека украинските технологии и украинското оружје нема да завршат во руски раце.
„Владини претставници и нашите разузнавачки служби се подготвени да ги поедностават бирократските процедури и условите за работа во Украина – додека ги одржуваат потребните контроли на извозот. Исто така, ни се потребни овластувања за извоз со јасна и предвидлива временска рамка за одобрување, така што нема основа за корупција“,
додава тој.
Според Зеленски, Украина веќе соработува со земјите од Блискиот Исток, Европа и Кавказот според посебен формат за соработка познат како „договори за беспилотни летала“.
„Предлог за нашите американски партнери е исто така на маса“,
истакна тој.
Договорот, како што вели Зеленски, би можел да вклучува извоз на беспилотни летала, одбранбени системи и други видови оружје и се смета за начин за зајакнување на финансиската позиција на земјата.
„Повторувам, условите мора да бидат корисни за Украина, мора да има јасен надзор, а приходите од извоз мора да ја зајакнат одбраната на Украина. И така ќе биде“,
рече Зеленски.
Во обраќањето тој додава и дека разговарал со премиерката Јулија Свириденко за работата на државните компании. Вели дека некои државни компании сè уште не ги служат интересите на државата или нејзиниот буџет, но оти кабинетот на министри на Украина и самите компании ќе мора да го решат ова.
