„Еве, сега и ќе му објасниме на Филипче зошто се занимава со глупости. Прво, Вајц вечерва јасно кажа интервјуто е старо и оти дадено е пред седум недели. Второ, Вајц јасно се осврнува на напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија, односно на реализирање на европската агенда“, се вели во реакцијата од владејачката партија
Од ВМРО-ДПМНЕ вечерва соопштија дека лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, добил шлаканица од европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, откако тој во изјава за ТВ Канал 5 рече дека неговото последно интервју дадено за Еуроњуз на бугарски јазик во кое зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите е дадено на почетокот на март и дека тогаш ја одразувало моменталната состојба.

Ова следува откако Филипче вчера реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со извештајот на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц. Во својата реакција објавена на Икс, Филипче го проблематизираше ставот на Мицкоски, кој претходно изјави дека медиумите читале извештај кој е „комплетен антипод“ од поставените прашања.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека Вајц во изјава за Канал 5 појаснува оти снимениот материјал од интервјуто е стар околу седум недели и дека не ја одразува актуелната динамика на настаните.
„Венко Филипче вечерва доби шлаканица и тоа директно од европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент. Еве, сега и ќе му објасниме на Филипче зошто се занимава со глупости. Прво, Вајц вечерва јасно кажа интервјуто е старо и оти дадено е пред седум недели. Второ, Вајц јасно се осврнува на напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија, односно на реализирање на европската агенда“,
велат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат на Филипче дека при оценување на политичките процеси треба да се земаат предвид навремени и точни информации, а не погрешни интерпретации на стари изјави.
„Му даваме совет на Филипче, ако сака да оди напред нека гледа напред, исто така ако сака да оди напред треба да ги следи навреме работите и да не шири лажни вести“,
пишува во партиската реакција.
Вајц во изјава за телевизија Канал 5 вели дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега.
Изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите, додава дека се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Бев малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“,
вели тој.
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни.
Инаку тој, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, Владата мора да ги спроведе реформите.
Лидерот на опозицијата, проблематизирајќи го ставот на Мицкоски, кој претходно изјави дека медиумите читале извештај кој е „комплетен антипод“ од поставените прашања, рече дека реториката на власта е насочена кон сите кои не се потчинуваат на нивните наративи.
„Сега, според Мицкоски, излегува дека и Вајц и медиумите лажат. Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува, како што Вучиќ го нарекува Тонино Пицула кога не му се допаѓа извештајот на ЕУ“,
рече Филипче.
