Доколку биде осуден за обидот за атентат врз претседателот на САД, Доналд Трамп, 31-годишниот Кол Томас Ален би можел да се соочи со доживотна казна затвор. Другите две обвиненија кои му се ставаат на товар носат казна до 10 години затвор
Осомничениот за пукањето на гала-вечерата во Вашингтон, на која присуствуваше Доналд Трамп, е обвинет за три кривични дела, вклучително и обид за атентат врз претседателот на САД.

Триесет и едногодишниот Кол Томас Ален вчера се појави во Окружниот суд во Вашингтон, каде што беше обвинет за обид за убиство на американскиот претседател, за употреба на огнено оружје за време на кривичното дело насилство и пренесување на огнено оружје преку државни граници со намера за извршување кривично дело.
На вчерашното појавување во Окружниот суд во Вашингтон, 31-годишникот не се изјасни за обвиненијата. В четврток е закажано ново рочиште на кое се очекува на обвинетиот да му биде одреден притвор.
Доколку биде осуден за обидот за атентат врз претседателот на САД, Ален би можел да се соочи со доживотна казна затвор. Другите две обвиненија носат казна до 10 години затвор.
Ален беше уапсен во саботата за време на гала-вечерата на дописниците од Белата куќа, на која беа присутни американскиот претседател Доналд Трамп, неговата сопруга Меланија, потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, и бројни високи членови на администрацијата на американскиот претседател. Пукал со пушка кон агент на Тајната служба на безбедносен контролен пункт пред да биде совладан и уапсен од безбедносните служби.
