Девет лица го загубија животот во рускиот напад на Днепар, додека украинските сили возвратија со напади со беспилотни летала врз Крим, Белгород и Луганск, како и со стратегиски удар врз нафтена рафинерија длабоко на руска територија
Шеснаесет лица се убиени во најновиот бран меѓусебни воздушни и артилериски напади меѓу Русија и Украина, a официјални претставници од Москва и Киев ги потврдија трагичните биланси на загинати, кои се случуваат токму на денот кога се одбележува годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил. Најголемиот број жртви во изминатото деноноќие се регистрирани на украинска територија, а според изјавата на шефот на регионалната администрација, Олександр Ганџа, девет лица се убиени во силниот руски напад што се случи вчера врз градот Днепар.

Од друга страна, руските власти информираат за серија смртоносни украински напади врз нивни територии и региони под нивна контрола. Во пристанишниот град Севастопол на Крим едно лице го загубило животот при напад со беспилотни летала, додека пак слична судбина доживеала и една жена во рускиот пограничен регион Белгород, каде што локалните власти исто така пријавија удар со дронови. На територијата на Украина која е под контрола на Москва, гувернерот на регионот Луганск назначен од руските власти, Леонид Пашечник, соопшти дека петмина се убиени во украински напад врз локално село.
Паралелно со нападите што резултираа со човечки жртви, украинската војска спроведе и операции насочени кон руската енергетска инфраструктура. Генералштабот на украинската армија потврди дека Киев успешно погодил рафинерија за нафта во Јарослав, град лоциран на неколку стотици километри оддалеченост од Москва.
Вчера седум лица загинаа во масовни воздушни напади што руските сили ги извршија во Украина.
