Случајот во полицијата го пријавил таткото на жртвата, откако на социјалните мрежи биле споделени компромитирачки материјали
Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар приведоа 29-годишен маж со иницијали Т.Б. од гостиварското село Здуње, под сомнение за тешко кривично дело кое вклучува сексуално насилство и уцена на малолетно лице. Како што информираат од Секторот за внатрешни работи – Тетово, случајот бил пријавен вчера од страна на 42-годишен жител на Гостивар.

Тој во полициската станица пријавил дека пред неколку месеци, на подрачјето на градот, непознато машко лице кое управувало црн „фолксваген џип“ ја пресретнало неговата малолетна ќерка. Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, појасни дека според наводите во пријавата, насилникот со употреба на физичка сила извршил силување врз девојчето, притоа упатувајќи ѝ сериозни закани по нејзиниот живот и по животот на нејзиното семејство.
„Сторителот ја пресретнал малолетна ќерка на пријавителот и со употреба на физичка сила извршило силување врз неа, упатувајќи ѝ закани по нејзиниот и животот на нејзиното семејство“,
рече портпаролот на СВР Тетово.
На 22 април 2026 година на социјалните мрежи осамнале експлицитни фотографии и видеа од малолетната жртва, а веднаш по добиената пријава, полицијата презела оперативни мерки и брзо го лоцирала осомничениот.
Извршени се претреси на две локации, во неговиот дом во селото Здуње, како и во уште еден објект во селото Равен каде што приведениот престојувал при што биле одземени лаптоп, мобилен телефон, УСБ-меморија и други предмети кои ќе бидат предмет на вештачење и ќе служат како доказен материјал во истрагата.
Осомничениот Т.Б. во моментов е задржан во полициска станица за понатамошна постапка, по што до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
