Според информациите од ОЈО ГОКК, во тек се интензивни претреси на повеќе локации низ државата

Под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР спроведуваат координирана акција за сузбивање на илегален увоз и дистрибуција на медицински средства наменети за естетски зафати.
Според информациите од ОЈО ГОКК, во тек се интензивни претреси на повеќе локации низ државата.
Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела – злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
„До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица“,
информираат од ОЈО ГОКК.
Оттаму најавуваат дека повеќе детали за целиот случај ќе има кога ќе завршат теренските активности.
Вчера, од Обвинителството информираа дека во акција е сузбиена организирана криминална група инволвирана во извршување на повеќе кривични дела.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека во рамки на акцијата, по претходна судска наредба, се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола.
Во рамки на акцијата беа уапсени повеќе лица. Дел од нив се вработени како доктори на скопските клиники и се сопственици на дерматолошки ординации.
