До Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис пристигнале шест кандидатури за функцијата, а изборот, како што наведуваат оттаму, бил направен врз основа на предложените програми за работа
Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) денеска соопшти дека по спроведена постапка согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти, за нов директор на јавниот сервис е избран Зоран Ристоски.

Во постапката за избор пристигнале вкупно шест кандидатури, кои биле разгледани, а изборот, како што се наведува во соопштението, бил направен врз основа на квалитетот на предложените програми за работа.
Гласањето било спроведено по принцип на анонимност, додека програмите на кандидатите биле доставени под шифра, без увид во нивниот идентитет, велат од Програмскиот совет на јавниот сервис.
„По утврдувањето на најдобро оценетата програма, беше отворен ковертот со идентитетот на кандидатот, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација. Во таа насока, Програмскиот совет нагласува дека се темели исклучиво на квалитетот на понудената програма и исполнувањето на законските критериуми“,
се вели во соопштението.
Од Програмскиот совет на МРТ наведуваат дека процесот на избор на нов директор бил целосно транспарентен и спроведен со почитување на сите законски и институционални стандарди, со цел да се обезбеди, како што велат, легитимен и кредибилен избор на раководната позиција на јавниот сервис.
Оттаму во соопштението ги наведуваат и очекувањата што ги имаат од новоизбраниот директор на МРТ, односно функцијата да ја извршува одговорно и професионално, да ги унапреди програмските содржини и да ги подобри условите за работа на вработените.
„Очекуваме новоизбраниот директор да ја извршува функцијата одговорно и професионално, во насока на зајакнување на улогата на Македонската радио-телевизија како јавен сервис од особен јавен интерес, унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените.
Програмскиот совет ќе продолжи внимателно да ја следи работата на раководството и да дејствува во согласност со своите законски надлежности, во интерес на јавноста и развојот на јавниот сервис“,
се наведува во соопштението.
Зоран Ристоски на функцијата ќе го наследи Марјан Цветковски, кој на чело на јавниот радиодифузен сервис беше од 2012 година, односно 14 години.
