Како што нагласи, постојат одредени предизвици во системот. Дел од нив се однесуваат на транзицискиот период кај лица кои остануваат без работа, како и на оние што остваруваат нерегистрирани приходи или работат во странство, а сепак користат бесплатно осигурување
На новинарско прашање за можноста дел од осигурениците формално да се водат преку починати носители на осигурување, Клековски најави подобрување на координацијата со матичните евиденции за ажурирање на податоците, со цел прочистувањето на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно
Најави дека се работи и на нова законска основа за лицата со флексибилни работни ангажмани, како што се доставувачи и фриленсери, со цел да се поедностави нивниот пристап до здравствено осигурување и да се избегнат административни пречки
Во државата нема категории на граѓани што не се покриени со здравствено осигурување, изјави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.

Посочи дека системот нуди повеќе законски основи за осигурување, а за лицата кои не можат да се осигураат по ниту една од нив, постои посебна категорија – лица без приходи, за кои здравственото осигурување го покрива државата преку програма на Министерството за здравство.
Како потврда на фактот дека нема категорија граѓани што не се осигурени говори тоа дека во моментот има околу 1 836 000 осигуреници од кои 470 000 или секој четврти граѓанин не остварува приходи.
Во основа оваа категорија, како што рече, овозможува за лицата што минатата година имале под 293 000 денари приходи, а во последните два месеца имале помалку од 48 000 денари да добијат бесплатно здравствено осигурување.
Лицата, пак, што имале повисоки приходи од овие плаќаат придонес на основица 50 отсто од просечна плата, а тоа е 2 593 денари месечно, да се здобијат со здравствено осигурување.
Сепак, како што нагласи, постојат одредени предизвици во системот. Дел од нив се однесуваат на транзицискиот период кај лица кои остануваат без работа, како и на оние што остваруваат нерегистрирани приходи или работат во странство, а сепак користат бесплатно осигурување.
„Тука имаме два типа проблеми. Прво за лица што непосредно дале или добиле отказ и како да се обезбеди транзиција и второ, лицата што остваруваат нерегистрирани приходи, односно работат во сивата економија во земјата или што приходите ги остваруваат во странство. Овие лица не би требало да бидат осигурувани со бесплатно здравствено осигурување“,
кажа тој.
На новинарско прашање за можноста дел од осигурениците формално да се водат преку починати носители на осигурување, Клековски најави подобрување на координацијата со матичните евиденции за ажурирање на податоците, со цел прочистувањето на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно.
„Втората група каде е можно да имаме непотребно здравствено осигурување е во групата лица што не остваруваат приходи“,
вели директорот на ФЗО.
Дополнително, како што рече, Владата, ФЗО и УНИЦЕФ разгледуваат можности за воведување независно здравствено осигурување за малолетни лица до 18 години.
Воедно, се работи и на нова законска основа за лицата со флексибилни работни ангажмани, како што се доставувачи и фриленсери, со цел да се поедностави нивниот пристап до здравствено осигурување и да се избегнат административни пречки.
„Со самото регистрирање на договорите на ваквите флексибилни работни ангажмани ќе биде возможно да пријават здравствено осигурување и да бидат осигурени по таа основа да не мора самите да се пријавуваат во Фондот“,
рече тој.
Целта, како што истакна Клековски, е обезбедување целосна опфатеност и полесен пристап до здравствени услуги за сите граѓани.
