„По извршената интервенција, судот информира дека на обвинетиот му е даден совет за земање храна и вода, што му беше понудено, но тој одби. Потоа од брзата помош судот беше информиран дека по дадената интервенција, тој може да продолжи со следење на денешната расправа“, рече судијката

Поради влошување на здравствената состојба на првообвинетиот Дејан Јованов‑Деко, денеска во судницата во „Идризово“ каде што имаше рочиште за случајот „Пулс“, беше повикана Брза помош.
Претходно на почетокот на рочиштето одбраната на Јованов побара замена на притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.
Подоцна бранителот на Јованов, адвокатката Ивана Коцевска на паузата во изјава за медиумите рече дека на Деко му била направена сериозна операција на лумбалниот ‘рбет на две нивоа.
„И покрај жалбите за укинување на мерката притвор, таа не беше укината и беше вратен во притворски услови. Таму имаше импровизирачки третман од страна на нестручни медицински лица, кои придонесоа во петокот, на 17 април, да му биде извршена втора операција поради голем црвен оток, полн со гнојна содржина. Поради тоа, веднаш бил однесен на итна операција, а денеска на најнехуман начин беше спроведен директно од болница на денешното судење иако во таква состојба тој треба да биде хоспитализиран“,
рече Коцевска.
Таа додаде дека неговата рана е отворена и подложна на дополнителна инфекција и оти не е сошиена бидејќи би можела дополнително да собира гнојна содржина.
„Од овие причини одбраната јавно апелира и го истакна овој предлог пред судечкиот совет бидејќи по писмен пат нема никаква реакција“,
рече Коцевска.
По паузата, судот информираше дека првообвинетиот на паузата се пожалил на влошување на здравствената состојба по што била повикана брза помош.
„По извршената интервенција, судот информира дека на обвинетиот му е даден совет за земање храна и вода, што му беше понудено, но тој одби. Потоа од брзата помош судот беше информиран дека по дадената интервенција, тој може да продолжи со следење на денешната расправа“,
изјави судијката Груевска-Илиевска.
Откако претходно одбраната побара на Јованов да му биде заменет притворот со куќен притвор, судијката Груевска-Илиевска рече дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба и поради итност, со негова согласност е однесен на операција во петокот.
Од Јавното обвинителство рекоа дека ги сослушале наводите и по разгледување на документацијата, на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.
