„Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34 кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“, рече одбраната на првообвинетиот

Во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжи судењето за пожарот во кочанското т.н кабаре „Пулс“. Пред почетокот на рочиштето одбраната на првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.
Бранителот на Деко, адвокатката Ивана Коцевска, изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.
„Импровизирано третирање во затворски услови гарантира катастрофални последици поради несоодветните услови, особено кога неговото здравје континуирано се влошува“,
изјави Коцевска.
Таа кажа дека судот е запознаен со здравствената состојба на обвинетиот и посочи дека нејзиниот клиент е донесен на судење со отворена рана по оперативен зафат, директно од болнички услови.
„Ова ги премина сите човечки граници на хуман третман и сметам дека е неопходно да му се укине притворот и замени со куќен. Селективна примена на оваа мерка, само на двајца од вкупно 34 кои се товарат за исто дело, иако Дејан е со најлоша здравствена состојба. Мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“,
рече Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска одговори на барањата на одбраната, нагласувајќи дека судот е во тек со ситуацијата. Според неа, обвинетиот бил опериран во петокот со негова согласност, а лекарите препорачале строго мирување од само три дена.
„Тие се поминати и затоа е денеска спроведен. Немаме такви сознанија од затворскиот лекар, а ние постапуваме по тоа“,
кажа Груевска-Илиевска.
Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледувањето на документацијата на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.
Претходно во март годинава адвокатката на Јованов побара негово преместување од затворот во Куманово во тој во Идризово. Како причина за ваквото барање до Судот, таа наведе дека затворскиот персонал во кумановскиот затвор се однесува деградирачки, нечовечки и понижувачки кон обвинетиот.
Во писмениот допис од затворот во Куманово до судот беше наведено дека со првообвинетиот Јованов е извршен разговор од страна на раководниот тим на затворот во Куманово, при што е заклучено дека тој нема никаков проблем со кој било од вработените во установата.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска.
