Посочи дека неговата коалиција остварила убедлива победа, нарекувајќи ја за победа на надежта над недовербата и на слободата над стравот. Според него, победена е апатијата, но недовербата во бугарската политика сè уште е голема
Лидерот на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев, по затворањето на избирачките места во изјава пред новинарите рече дека изборниот резултат претставува победа на моралот, но предупреди дека се уште останува голема недовербата во политичкиот систем во Бугарија, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Гласавме активно, ја победивме апатијата, но недовербата во бугарската политика сè уште е голема. Имаме многу работа пред нас. Ова е само првиот чекор во враќањето на довербата и општествениот договор“,
рече Радев.
Посочи дека неговата коалиција остварила убедлива победа, нарекувајќи ја за победа на надежта над недовербата и на слободата над стравот.
Според него, граѓаните ги отфрлиле самодоволноста и ароганцијата на старите партии и не подлегнале на, како што вели, манипулации и лаги.
Радев упати благодарност до гласачите, истакнувајќи ја нивната одговорност и ангажираност. Посебно им се заблагодари на бугарските граѓани во странство, кои, додаде дека со часови чекале во редици за да гласаат, како и на членовите на избирачките комисии и институциите.
„Сакам да им се заблагодарам на секој бугарски граѓанин што денес ја поддржа ‚Прогресивна Бугарија‘. Сакам најискрено да им се заблагодарам на сите граѓани што денеска ја сфатија својата одговорност и гласаа совесно. Благодарност и до сите наши сонародници во странство кои чекаа со часови во редици и покажаа дека се грижат за Бугарија. Секако, благодарност и до луѓето од комисиите и службите и особено до органите на Министерството за внатрешни работи, кои вложија огромни напори против купениот глас“,
кажа тој.
Ја нагласи и улогата на органите на Министерството за внатрешни работи во спречувањето на изборни нерегуларности, особено во борбата против купувањето гласови.
И покрај изборната победа, Радев порача дека претстои сериозна работа за стабилизирање на политичкиот систем и зајакнување на довербата меѓу граѓаните и институциите.
Во однос на идните чекори, Радев најави реформи, особено во правосудството, посочувајќи дека постои детален концепт за демонтирање на олигархискиот модел. Сепак, одби да коментира кадровски решенија пред објавувањето на конечните резултати.
Во врска со наводите за изборни нерегуларности, Радев порача дека ќе следуваат реакции доколку се утврдат докази.
Според него, Бугарија ќе остане на европскиот пат, но со попрагматичен пристап, додавајќи дека на Европа ѝ треба критичко размислување, прагматизам и реални резултати.
„Бугарија продолжува да го следи својот европски пат, но на Европа ѝ треба критичко размислување, прагматизам и реални резултати“,
кажа Радев.
Ја нагласи потребата од нова стратегија за безбедноста и економскиот развој на ЕУ.
„Европа мора да ја врати својата конкурентност и да ја запре деиндустријализацијата. Без енергетски ресурси, не можеме да зборуваме за економска сила“,
вели тој.
Ова, како што рече, е само првиот чекор кон враќање на довербата во општествениот договор, додавајќи дека конечните политички одлуки ќе се носат по официјалните резултати.
Првите проекции за распределбата на мандатите во новиот парламент на Бугарија, базирани на излезни анкети, покажуваат убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, но и можност за сложени постизборни коалиции.
Според податоците на „Алфа рисрч“, „Прогресивна Бугарија“ би освоила 105 пратенички места во 240-члениот парламент. ГЕРБ-СДФ добива 46 мандати, ПП-ДБ – 40, ДПС – 24, Преродба – 14, додека БСП – Обединета левица би имала 11 пратеници.
Слични, но нешто поразлични бројки објави и агенцијата „Мјара“, според кои „Прогресивна Бугарија“ освојува 109 мандати, ГЕРБ-СДФ – 41, ПП-ДБ – 38, ДПС – 26, Преродба – 15 и „БСП – Обединета левица“ – 11.
И првите резултати од излезните анкети за парламентарните избори во Бугарија укажуваат на убедливо водство на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, која, според повеќето тамошни агенции за истражување на јавното мислење, освојува над една третина од гласовите.
Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници за избор на 52. состав на Народното собрание. Ова се осми парламентарни избори во последните пет години. Право на глас имаа 6 575 151 граѓанин.
