Излезеноста на парламентарните избори во Бугарија до 16 часот изнесува 34,63 отсто. На последните одржани парламентарни избори во Бугарија на 27 октомври 2024 година, излезноста во истиот период изнесувала 26,25 отсто
Излезеноста на парламентарните избори во Бугарија до 16 часот изнесува 34,63 отсто, соопштија од тамошната Централната изборна комисија (ЦИК), а пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Според податоците, најголема излезеност е забележана во 23. изборна единица во Софија со 43,38 отсто, додека најниска е во К’рџали со 23,34 отсто.
За споредба, на последните одржани парламентарни избори од 27 октомври 2024 година, излезноста во истиот период изнесувала 26,25 отсто.
Од ЦИК информираат дека изборниот процес во земјата и во странство се одвива мирно.
Портпаролката бугарската ЦИК, Росица Матева посочи дека досега се поднесени вкупно 182 жалби и пријави, при што повеќе од половината се во надлежност на регионалните изборни комисии.
Најголем дел од пријавите се однесуваат на проблеми со машинското (електронско) гласање, вклучително и случаи на прекин на работа на гласачките машини, како и појава на гужва пред избирачките места.
Регистрирани се и пријави за предизборна агитација на социјалните мрежи, но од ЦИК посочија дека тие не се во нивна надлежност и не се разгледуваат.
Во текот на денот, електронското гласање е прекинато на 75 гласачки машини низ земјата.
Најмногу случаи се евидентирани во Софија и Хасково, како и во Бургас, Плевен и Јамбол.
Во Бугарија денеска се гласа на парламентарни избори по осми пат во последните пет години.
Во изборната трка учествуваат вкупно 24 политички партии и коалиции. Вкупно 4 786 кандидати се натпреваруваат за 240 пратенички места.
Овие избори се сметаат за важни бидејќи се очекува да донесат стабилност по политичката криза во земјата од 2021 година.
За фаворит на изборите се смета поранешниот претседател Румен Радев со новоформираната партија Прогресивна Бугарија, кој води на предизборните анкети.
Според истражувањето на „Алфа рисрч“, Радев има предност од 34,2 отсто, додека зад него е ГЕРБ-СДС со 19,5 отсто. Следни на листата се ПП-ДБ со 11,6 отсто и ДПС со 9,4 отсто од анкетираните гласачи.
