Се чека и по два часа, додека трае фотографирањето и земањето отпечаток од прст, според новите правила со кои се исфрла досегашното ставање печати во пасошите
Долги колони и застој за влез и излез на граничниот премин со Грција. Граѓаните кои денеска патуваат, сведочат дека се чека и по два часа, додека трае фотографирањето и земањето отпечаток од прст, според новите правила со кои се исфрла досегашното ставање печати во пасошите.
Со новиот систем, секое преминување на надворешните граници на Шенген зоната се врши со електронска евиденција и биометриска проверка, со фотографирање и земање отпечатоци од прсти.

Новиот систем – ЕЕС (entry/exit system) од 10 април целосно се применува на надворешните граници на Европската Унија (ЕУ), а предвидува дигитално регистрирање при влез и излез на граѓаните од земјите што не се членки на Унијата, наместо досегашното рачно евидентирање на пасошите со ставање печат.
Предвидено е системот ЕЕС (EES) да ги бележи точните датуми на влез и излез и да врши автоматска проверка на правилото за дозволен престој од 90 дена во рамки на 180 дена, со што ќе се намалат можностите за негово прекршување.
Подолги застои за влез и излез од земјава беа забележани и минатиот викенд за време на велигденските празници, кога официјално стапија на сила новите правила.
