Филипче во изјавата на Мицкоски дека има чувства за прогон на поранешни функционери на СДСМ гледа политички реваншизам, што, според него, претставува директна закана за демократскиот плурализам и е јасен показател за намера за извршна контрола врз Обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека секој има право да се обраќа и да испраќа писма до меѓународните институции, но додава и дека неговите чувства дека функционери од поранешната влада на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) ќе станат предмет на прогон се сè посилни. Ова тој го рече коментирајќи го испраќањето официјални писма од страна на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, до институциите на Европска Унија – Европска комисија, Европски парламент, како и до известувачот за Северна Македонија и амбасадорите на земјите членки, во кои изразува загриженост за состојбите со владеењето на правото во земјата, но и предупредува за нарушување на демократскиот и уставниот поредок и поделбата на власта.

Овој потег на Филипче следува по изјавата на Мицкоски дека има чувство оти набргу функционери од поранешната влада на СДСМ ќе бидат опфатени со одредени прогони.
„Секој има право да си се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сѐ посилни“,
рече премиерот по присуството на поставување камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во Општина Ѓорче Петров.
Од опозициската партија денеска информираа дека нивниот лидер Венко Филипче, испратил официјални писма до институциите на Европска Унија – Европска комисија, Европски парламент, како и до известувачот за Северна Македонија и амбасадорите на земјите членки, во кои се посочува на основана загриженост за координирани обиди на извршната власт за влијание врз правосудните институции, што, според СДСМ, претставува ризик од политизација на судските процеси.
Во писмата се цитира и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, која од СДСМ ја оценуваат како најава за можни политички притисоци и селективни постапки против поранешни функционери.
Од партијата сметаат дека ваквите пораки можат да се толкуваат како индикација за политички реваншизам и потенцијално влијание врз институциите, при што се нагласува дека тоа е спротивно на европските демократски стандарди.
Според опозицијата, со ваквото однесување, користејќи ги двете функции, како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури.
Партијата во писмата апелира до европските институции да ја следат состојбата и да реагираат, предупредувајќи дека ваквите практики се неспоиви со вредностите на Европска Унија.
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена, како одговор на новинарско прашање за ставовите на опозицискиот СДСМ во врска со одговорноста на поранешниот премиер Никола Груевски, рече дека нема информации, но оти има чувство дека високи функционери од претходната влада на СДСМ, како поранешни премиери и нивни блиски од семејствата, ќе бидат опфатени со одредени прогони.
Потоа упати критика кон опозицијата дека не покажува доволна самокритичност и порача дека доколку сака да биде кредибилна алтернатива треба јавно да го повика поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, да се врати во земјата и да се соочи со правдата.
Според него, очекува опозицијата да покаже ист степен на критичност и во случаи кога поранешни функционери од нивните редови би биле опфатени во одредени прогони, предмет на истраги или судски постапки, односно и тогаш да излезат на прес-конференции и да ги повикаат на одговорност.
