Екоактивистите имаат голем број барања и големи очекувања од постапката за обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за Цементарницата „Усје“ во Скопје, која е во тек. Бараат заострување на критериумите и построга контрола на емисиите на штетни гасови
Од „Усје“, пак, очекуваат во транспарентен процес да им се обнови дозволата. Експертите што ги прашавме сметаат дека сепак е можно да имаме развиена индустрија и заштитена животна средина во едно
И оваа, како и минати зими, скопјани протестираа против загадениот воздух. Разликата, овојпат, е што фокусот беше на цементарницата „Усје“ – фабрика која при градбата била надвор од градот, но денес е опружена со куќи и згради.
„Цементарница заслужува веднаш да се тргне. Веднаш да се затвори.“
„Сите сме свесни дека дека ‘Усје’ и индустријата се број еден загадувач во сите градови.“
„Кога институциите дозволуваат загдување, тие свесно го загрозуваат правото на живот на децата“,
рекоа дел од учесниците на еден од протестите.
Протестите против „Усје“ се случуваат во година кога компанијата треба да ја обнови А-интегрираната еколошка дозвола.
„На 12 март ‘Усје’ повторно ќе аплицира за да ја обнови дозволата. Е тука е моментот каде што ние како народ вистина можеме да влијаеме да не нѐ загадуваат“,
смета учесничка на еден од протестите.

А-интегрирана дозвола бараат и добиваат и 139 други компании во земјава. Таа, меѓу другото, утврдува кои се дозволените граници на емисии и како се следи нивното почитување. Иако државата досега нема утврдено дека „Усје“ ги прекршиле правилата од дозволата, надлежните најавија дополнително внимание кога ќе го разгледуваат барањето.
„Тука сметам дека колегите од Управата и Министерството треба да бидат поригорозни и малку да се обрне поголемо внимание. Не дека досега не се обрнало, но еве сега под притисок на јавноста да бидат поотворени и повнимателни во пишувањето на дозволата“
рече Ивана Гиновска – директорка на Државен инспекторат за животна средина во изјава за „360 степени“ на (17 јануари 2026 г.)
Проверивме – до каде е постапката и што реално може да се очекува?
Судир на барања и ставови
Уште еден вообичаен беше работниот ден во кој неделава ја посетивме фабриката „Усје“. Компанијата работи непречено, согласно дозволата од 2020 година.
Во март годинава веќе аплицирале за обнова на А-интегрираната еколошка дозвола. Обемната документација од над 700 страници е на маса во Министерството за животна средина. Во неа се информации за условите, горивата, технологиите, мерките, но и за емисиите на штетни гасови.
„Откако ќе се поднесат овие документи, Министерството има период од 30-тина дена во кој тие детално го разгледуваат и имаат простор, доколку сметаат дека има нешто плус да се дообјасни, да побараат појаснување. Моментално сме до таму“,
вели Наташа Бакреска – менаџер за животна средина и алтернативни горива во Цементарница „Усје“.

И покрај силниот јавен притисок, во „Усје“ не очекуваат изненадувања, ниту променет однос на институциите кон нив.
„Нашите очекувања се дека во еден процес на една стручна дебата и соработка ќе добиеме нова, обновена А-интегрирана еколошка дозвола што ќе ги пресликува барањата од националното законодавство кое, пак, е усогласено со европското. Не очекувам да има разлика затоа што и претходно ‘Титан Усје’, како што спомнав, беше мониторирана и постоеја и јавни дебати и контрола, така што на истиот начин очекуваме, со одговорно работење, да продолжиме“,
смета Бакреска.

Контролите на кои се повикуваат во „Усје“ досега не покажаа дека ги кршеле правилата и параметрите од А-интегрираната дозвола. Активистите, сепак, бараат повеќе од институциите.
Инсистираат на повисоки стандарди при продолжувањето на дозволата, бидејќи сметаат дека сегашните правила датираат од 2007 година и дека на фабриката ѝ дозволуваат легално повисоко загадување.
„Другите барања, секако, се 24/7 да се мониторира, не како сега каде што ПДФ документ се дава од ‘Кисела Вода’ во кој има огромни празнини при самото мерење. Нормално дека се сомневаме дека тогаш се случува најголемото загадување, 24/7 да биде директно поврзано со Министерството за животна средина, кога ќе се надминат тие вредности, да се гаси фабриката. Во денови на топлотна инверзија, кога е најзагадено, исто така да не може да работи. Да се прекине копањето на рудникот со лапорец. Да се акредитира македонската државна лабораторија за загадување, односно за мерење на загадување на воздухот. Како и законот за деловна тајна, каде што се деловите колку загадуваат, односно на кој начин горат во самата фабрика, да сепак тоа биде јавен податок“,
вели Петар К. – граѓански активист на иницијативата „Стоп за Усје“.

Велат дека ќе бидат истрајни во своите барања.
„Нашите бели дробови немаат цена и ние ќе ги браниме до крај. Така што, во случај да видиме дека не се постапува по тоа, дека Министерството за животна средина не работи во служба на граѓаните, туку работи во служба на една фабрика, секако дека ќе реагираме за тоа да не се случи понатаму“,
додаде Петар К. – граѓански активист на иницијативата „Стоп за Усје“.
Фактите, сепак, велат дека голем дел од барањата на активистите не се предвидени како мерки или обврски во ниту еден закон. Не само за „Усје“, туку и за другите компании што работат според А-интегрирани дозволи.
На пример, во Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека согласно закон мерењата на емисиите паѓаат на товар на загадувачот, бидејќи се скапи и комплексни. Се согласуваат само со барањето дека резултатите од мерењата треба да бидат потранспарентни.
„На последниот брифинг што министерот го одржа кажа дека ќе се заложи максимално да го воспостави регистарот за загадувачи кој всушност е алатка што сите анализи ги прави транспарентни за јавноста. Ова ни фали и ова, да, треба на овој сегмент да се работи“,
вели Беса Татеши – раководителка на сектор за индустриско загадување.

За барањата на активистите, фабриките да се исклучуваат при високо загадување на амбиенталниот воздух, објаснуваат дека тоа не би било од голема полза.
„Во тој случај ќе направиме поголемо загадување бидејќи, за сите тие што го познаваат процесот, особено процесот што вклучува високи температури, печки, котли итн., секое вклучување и исклучување изискува големо загадување. Што значи, ако се усогласиме со тоа барање, можам да кажам дека не сме направиле ништо“,
смета Татеши.
„Усје“ тврди дека и сегашниот систем за мониторинг на емисиите на гасови што се врши од акредитирана надворешна лабораторија е веродостоен. Сепак, немаат ништо против државата да си ја преземе таа обврска.
„Инаку, секако дека е за поддржување доколку Владата и Министерството одлучат да ја акредитираат државната лабораторија за животна средина, па таа да стане референтна лабораторија. На неколку наврати имаше такви обиди и мислам дека не само ‘Титан Усје’, туку целата индустрија тоа би го поддржала и од еден практичен аспект, не е едноставно да се повикува лабораторија од странство затоа што нема многу акредитирани лаборатории во Македонија и не се акредитирани за сите параметри, тоа е друг проблем, и на некој начин сме приморани да бараме услуги од надворешни лаборатории“,
вели Наташа Бакреска – менаџер за животна средина и алтернативни горива во Цементарница „Усје“.
„360 степени“ ја контактираше и швајцарско-германската компанија што ги врши мерењата на емисиите во „Усје“. Нивната регионалната канцеларија е во Словенија.
На тврдењата на еко-активистите дека мерењата се вршат со прекини, одговараат дека следењето е континуирано.
„Системот е така дизајниран што е поврзан со постројката и има специјална регулација зад известувањето за резултатите. Тоа значи дека кога постројката е исклучена, софтверот е поврзан со постројката и гледа дека таа не е во функција и нема резултати. Штом постројката биде вклучена, има сигнал до софтверот дека постројката е вклучена и почнува да ги мери гасовите, емисиите од фирмата. Тоа значи дека нема никаква врска со операторот па тие да можат да речат – ајде сега мери или сега не мери. Системот е дизајниран на начин што е автоматски поврзан и комуницира со постројката и почнува да дава извештај штом постројката е вклучена“,
вели Славо Теинович – „Ендрес хаусер интернешенл Јуроп“ (Endress Hauser International Europe).

Уверуваат дека во Македонија мерат како и низ цела Европа. Методите се со германски сертификати, направени да се отстрани човечкиот фактор.
„Системот, во основа, е црна кутија па не може да се влезе во системот и да се смени некој параметар бидеќи е сертифициран и мора да биде дизајниран на начин што операторите не можат да интервенираат во измерените вредности и регистрираните вредности“,
додаде Славо Теинович – „Ендрес хаусер интернешенл Јуроп“ (Endress Hauser International Europe).
Во однос на барањето на еко-активистите да се запре со ископот на лапорец, од „Усје“ велат дека тој е основната суровина за производство и причината зошто фабриката е изградена токму на таа локација. Тоа што можат, го правеле и досега – навремено да го рекултивираат земјиштето според најдобрите рударски практики.
Што се однесува до правната рамка, од цементарницата се децидни дека иако најновата апликација се поднесува според актуелните закони, стандардите што се обврзуваат да ги почитуваат се според построгите правила што ќе стапат на сила следната есен.
„Новиот закон за индустриски емисии стапува на сила во септември догодина. Но, тоа не значи дека нема да работиме и да се усогласуваме согласно последните референтни документи за најдобри достапни техники од 2013 година“,
вели Наташа Бакреска – менаџер за животна средина и алтернативни горива во Цементарница „Усје“.
На таков чекор повикуваат и од Министерство. Не само до „Усје“, туку до сите што се засегнати од законските измени.
„На сите оператори што доставуваат барање било да е за дозвола, обнова или измена им сугерираме да ги прифатат новите услови од новиот закон кои за некои индустрии ќе бидат многу поригорозни и сето ова во име на рационално користење на времето бидејќи идната година кога ќе почнеме со имплементација на законот, по барање на Министерствто, сите дозволи ќе бидат сменети“,
рече Беса Татеши – раководителка на сектор за индустриско загадување.
Експертско мислење
Додека ставовите на еко-активистите, државата и раководството на „Усје“ во значителен дел се разидуваат, прашавме експерт од областа на квалитетот на воздухот.
Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Дејан Мираковски, кој раководи со универзитетската лабораторија за испитување квалитет на амбиентален воздух, ни даде поинаква перспектива за емисиите од „Усје“ – низ бројки.
„Би се работело за некаде околу 20 до 30 тони суспендирани честички годишно. Тоа е вкупната емисија на цврсти, суспендирани честички, азотни оксиди и сулфур диоксид. За скопската котлина домаќинствата емитираат годишно некаде околу 2,5 илјади тони суспендирани честички од согорувањето на дрва. Тука влегуваат загревањето на резиденцијалните објекти и на јавните објекти што користат такви системи на затоплување. Математиката може да ја направи секој што сака да ја направи“,
смета Дејан Мираковски – ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

И покрај тоа што бројките што ги наведе професорот укажуваат дека емисиите од цементарницата се капка во океанот споредено со емисиите од домаќинствата, тој повикува фабриката строго да ги применува најновите европски стандарди.
Се согласува и со барањето – измерените вредности на емисиите да бидат јавно достапни во секој момент, во живо. Само со транспарентност, вели, може да се врати изгубената доверба.
„Денешните технологии овозможуваат да функционираат и тие системи и да имаме здрава животна средина доколку во целост се почитуваат препорачаните најдобри достапни техники и се применат сите мерки. Може да функционираат. Или, пак, функционираат во Европа и во светот. За кај нас, некако не е убедена јавноста дека е возможно. Но, јас лично сметам дека е возможно, дека е технички возможно. И доколу сакаме, можеме“,
додаде Мираковски.
Актуелната А-интегрирана дозвола на „Усје“ има важност до март 2027-та до кога властите треба да напишат документ што ќе гарантира функционална индустрија и заштита на животната средина во едно.
