Податоците покажуваат дека „Рич стари“ ќе биде првиот танкер што ќе го помине теснецот и ќе излезе од Заливот откако започна блокадата

Кинески танкер санкциониран од САД помина низ Ормускиот Теснец и покрај блокадата на САД на преминот, пишува агенцијата Ројтерс повикувајќи се на податоци од меѓународната мрежа за следење на бродови.
Податоците покажуваат дека „Рич стари“ ќе биде првиот танкер што ќе го помине теснецот и ќе излезе од Заливот откако започна блокадата.
Танкерот и неговиот сопственик „Шангај ксуанрун шипинг ко“ (Shanghai Xuanrun Shipping Co Ltd) се санкционирани од САД поради работење со Иран.
Во написот на агенцијата се додава дека компанијата не можела веднаш да се контактира за коментар во врска со информациите за поминувањето на танкерот.
Според информациите на Ројтерс, „Рич стари“ е танкер кој носи околу 250 000 барели метанол, а бил натоварен во последното пристаниште, Хамрија во Обединетите Арапски Емирати. Танкерот во кинеска сопственост има и кинески екипаж на бродот.
Податоците на компанијата за финансиски услуги ЛСЕГ, како што пишува Ројтерс, покажуваат дека и друг танкер „Мурликишан“, санкциониран од САД, денеска исто така се упатил кон теснецот. Се очекува празниот танкер да натовари мазут во Ирак на 16 април.
Силите на САД вчера во 16 часот по централноевропско време ја започнаа најавената блокада на иранскиот брег, во рамките на која се запираат сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
Централната команда на САД соопшти дека блокадата се однесува на сите бродови, без оглед на знамето под кое пловат. Од друга страна, Иран се закани дека сите американски бродови што ја спроведуваат блокадата ќе завршат на дното на морето.
Блокадата на Ормускиот Теснец од страна на САД дојде по неуспешните преговори што се водеа во Исламабад за време на викендот. По заминувањето на американскиот преговарачки тим, предводен од американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека нивните сили ќе го блокираат влезот во Ормускиот теснец наведувајќи дека американската морнарица ќе ги запре сите бродови што им платиле транзитна такса на иранските власти.
