Во врска со можна нова рунда преговори, Си-ен-ен повикувајќи се на свои извори објави дека претставници на администрацијата на Трамп водат внатрешни дискусии околу деталите за можна втора средба со Техеран пред да заврши двонеделниот прекин на огнот следната недела
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран силно сака да постигне договор со Соединетите Американски Држави, откако разговорите меѓу двете земји одржани викендот во Пакистан не дадоа резултати, пренесоа светските медиуми.

Говорејќи околу можноста за продолжување на разговорите, Трамп кратко одговарајќи на новинарски прашања во Белата куќа кажа оти е уверен дека Техеран на крајот ќе се согласи на договор и покрај актуелните несогласувања.
Како клучно прашање тој ја издвои нуклеарната програма на Техеран, притоа повторувајќи го цврстиот став на Вашингтон дека Иран „нема да има нуклеарно оружје“.
„Се согласивме за многу работи, но тие не се согласија со ова“,
рече американскиот претседател, додавајќи дека без решение на ова прашање не може да има конечен договор.
Сепак, тој изрази оптимизам дека договор ќе биде постигнат. Имено, Трамп изјави дека и покрај тензиите добиле повик од Иран со цел да се постигне договор, но, како што пренесе Ројтерс, ваквите негови тврдења не можат да се потврдат од други извори.
Воедно американскиот претседател потврди дека стапила во сила одлуката за блокадата на Ормускиот теснец, како одговор на барањата на Техеран бродовите кои поминуваат нив стратешки важниот поморски пат да плаќаат тарифи на Иран.
Во таа насока, Трамп рече дека нема да дозволат Иран да го уценува светот, посочувајќи дека Соединетите Држави не се зависни од превозот низ теснецот, бидејќи имаат свои енергетски извори.
Прашан дали танкери за нафта ќе оперираат во Ормускиот теснец, Трамп, како што го цитира „Гардијан“, вели:
„Да, мислам дека ќе им оди многу добро таму. И мислам дека им оди многу добро тука (во САД). Знаете многу танкери доаѓаат тука. Влегуваат празни и излегуваат полни, а ние имаме големи капацитети за тој бизнис“.
Во врска со преговорите со Иран, Си-ен-ен повикувајќи се на свои извори објави дека претставници на администрацијата на Трамп водат внатрешни дискусии околу деталите за можна втора средба со Техеран пред да заврши двонеделниот прекин на огнот следната недела.
Дискусиите, според изворите на американската телевизија, се одвиваат за да се искористи можноста доколку работите тргнат во таа насока. Но, како што навеле тие, засега не се знае дали би се случила таква средба.
„Треба да бидеме подготвени брзо да продолжиме доколку работите тргнат во таа насока“,
рекол еден од изворите за Си-ен-ен.
Според телевизијата, внатрешните разговори се однесуваат на можни датуми, локации за средба, како и медијатори, во случај да дојде до продолжување на преговорите.
Но, од друга страна, Си-ен-ен објави и дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан наводно му рекол на својот францускиот колега Емануел Макрон дека ирационалните барања на САД биле камен на сопнување да се дојде до договор за време на мировните разговори во Исламабад.

„Јасно ги кажавме условите за прекин на огнот и остануваме посветени на нив. Прекумерните барања на САД спречија постигнување договор…Иран ќе ги продолжи преговорите само во рамките на меѓународното право“,
му рекол Пезешкијан на Макрон, според извештај на иранските државни медиуми, цитиран од Си-ен-ен.
Во меѓувреме, и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш бара од САД и Иран да продолжат со преговорите за ставање крај на војната.
„По недели уништување и неволји, јасно е дека нема воено решение за сегашниот конфликт на Блискиот Исток. Повикувам на продолжување на разговорите за да се постигне договор. Прекинот на огнот апсолутно мора да се зачува. Сите прекршувања мора да престанат. Сите страни во конфликтот мора да ја почитуваат слободата на пловидба, вклучително и во Ормускиот теснец, во согласност со меѓународното право“,
вели Гутереш во објава на Икс.
After weeks of destruction & distress, it is clear that there is no military solution to the current conflict in the Middle East.
— António Guterres (@antonioguterres) April 13, 2026
I call for resumption of talks for an agreement to be reached.
The ceasfire must absolutely be preserved. All violations must cease.
All parties to…
