Белата куќа потврди дека разговорите на високо ниво со Иран и Пакистан и натаму се во тек
Иранската државна телевизија објави дека денеска се одржани две рунди од преговорите помеѓу делегациите на Иран и Соединетите Американски Држави. Преговорите се одржуваат во пакистанската престолнина Исламабад, а нивната трета рунда се очекува да се одржи вечерва или утре.

„Според информациите доставени до дописникот на државната телевизија од лице блиско до преговарачкиот тим, уште една рунда преговори веројатно ќе се одржи вечерва или утре“,
објави државната телевизија на Иран.
Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека трилатералните разговори на високо ниво со Иран и Пакистан се во тек.
Претходно денеска претставник на Белата куќа изјави дека разговорите во Исламабад се водат директно, без посредници, со американски, ирански и пакистански претставници.
Разговорите, кои се сметаат за први на највисоко ниво од Исламската револуција во 1979 година, доаѓаат по повеќе од еден месец конфликт, кој започна со воздушни напади на САД и Израел врз Иран на 28 февруари. Како одговор, Иран испали балистички ракети кон неколку неутрални земји во Персискиот Залив и кон Израел, по што го затвори Ормускиот Теснец – еден од најзначајните нафтени коридори во светот
