Денеска светските медиуми пренесоа вест на агенцијата Ројтерс во која ирански извор изјави дека САД се согласиле да одмрзнат ирански средства, а во дел од медиумите се спомнуваше сума од шест милијарди долари. Но, подоцна САД демантираа дека се соласиле на таков чекор

Откако висок ирански извор денеска за агенцијата Ројтерс изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) се согласиле да ослободат замрзнати ирански средства што се чуваат во Катар и други странски банки, САД демантираа дека се согласиле на таков чекор.
Високиот ирански извор го поздрави наводниот потег на САД како знак на сериозност во постигнувањето договор со Вашингтон при разговорите што денеска започнаа во главниот град на Пакистан, Исламабад.
Според објавените информации, одмрзнување на средствата е едно од барањата на Иран во пораките пренесени до американската страна, а Техеран добил согласност од САД за ослободување на средствата.
Ова било директно поврзано со обезбедувањето безбеден премин низ Ормутскиот Тенец, што се очекува да биде клучно прашање во разговорите.
Иако првично не беше прецизирано точно за колкава сума станува збор, дел од светските медиуми објавија дека се работи за шест милијарди долари што се чуваат во Катар. Министерството за надворешни работи на Катар засега не излезе со коментар.
Инаку, разговорите меѓу САД и Иран за прекин на војната на Блискиот Исток почнаа денеска во Исламабад. Таму пристигнаа делегациите на двете земји, а преговорите ќе ги води пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар, кој со недели дипломатски работи на решение на конфликтот.
Американската делегација ја предводи потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, додека иранската делегација ја предводи претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф, а во неа е и министерот за надворешни работи Абас Аракчи.
