Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент е лидер на партијата Ресни.ца, која беше формирана за време на ковид-пандемијата како антиваксерска и проруска. На неодамнешните избори оваа партија освои 5 манди во 90-члениот парламент и се смета за клучна за формирање идна влада

Вчерашниот избор на лидерот на крајно десничарската антисистемска партија Ресни.ца, Зоран Стевановиќ, за претседател на словенечкиот парламент, се смета за најава дека досегашниот опозиционер и лидер на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, може да ја формира четвртата негова влада.
Стевановиќ беше избран со тајно гласање при што доби 48 гласа „за“ во 90-члениот парламент што е индикација за можна нова коалиција. Според медиумските извештаи, Стевановиќ бил поддржан од СДС на Јанша и од Нова Словенија.
Против неговиот избор биле претставниците на досегашната владејачка коалиција од Движењето за слобода на премиерот Роберт Голоб, социјалдемократите и претставници на левицата, кои наведуваат дека ова е претходница за формирање на четвртата влада на Јанша.
На неодамнешните избори во Словенија, движењето Ресни.ца освои пет мандати и се смета за клучно за формирање влада. Движењето за слобода на Голоб доби најмногу мандати – 29, а СДС на Јанша освои еден помалку.
Словенечкиот премиер во последниот мандат и релативен победник на изборите, Роберт Голоб, досега одржа две рунди постизборни разговори за формирање влада, но без видливи резултати.
Јанша вчера изјави дека со изборот на претседател на парламентот, неговата група им покажала на либералите и нивните сојузници „како се брои“.
Министерот за одбрана во заминување, либералот Борут Сајович, го осуди гласањето како „очигледен пример за политичка корупција“.
По изборите, Зоран Стевановиќ (44) изјави дека неговата партија одбива да влезе во влада предводена од Јанша, но дека ќе ја поддржи секоја влада чија програма е во согласност со нивните „фундаментални принципи“.
Ресни.ца беше основана за време на ковид-пандемијата како антиваксерска и проруска групација.
„Колку што можам да видам, во овој момент централно-десничарските партии лесно би можеле да формираат нова влада“, изјави Матјаж Хан, лидер на централно-левичарските социјалдемократи, кои досега беа дел од власта.
Според словенечкото законодавство, шефицата на државата Наташа Пирц Мусар ќе мора да предложи кандидат за премиер до парламентот 30 дена по вчерашната конститутивна седница. Доколку тој не добие апсолутно мнозинство (најмалку 46 гласа поддршка), законот утврдува десетдневен рок во кој партиите можат да предложат нов кандидат.
