Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, рече дека информациите за протекување на разговорите се крајно загрижувачки поради укажувања на можноста на владата на земја членка да ги координирала своите дејствија со Русија, спротивно на безбедноста и интересите на Европската Унија
И претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ќе го покрене прашањето на ниво на лидери на Европската Унија
Европската комисија (ЕК) ја повика Унгарија итно да ги објасни извештаите за можното протекување на телефонските разговори меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, оценувајќи ги како загрижувачка информација, пренесува Ројтерс.

Портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, рече дека информациите за протекување на разговорите се крајно загрижувачки поради укажувања на можноста на владата на земја членка да ги координирала своите дејствија со Русија, спротивно на безбедноста и интересите на Европската Унија.
Таа, како што пишува Ројтерс, посочи дека претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ќе го покрене ова прашање на ниво на лидери на Европската Унија.
„Ова е исклучително загрижувачко и надлежната влада треба да даде објаснување што е можно поскоро“,
рече портпаролката.
Сијарто го осуди протекувањето на телефонските разговори, нарекувајќи го како странско мешање во изборната кампања во Унгарија, каде што се очекуваат неизвесни избори.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги отфрли критиките за поврзаност со Русија, истакнувајќи дека никој од Москва не го поддржал.
„Русите оваа недела не ја посетија Унгарија да ми дадат поддршка, туку потпретседателот на САД“,
рече тој додавајќи дека Унгарија останува дел од Западот.
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, на 7 и 8 април ја посети Будимпешта во рамки на својата дводневна посета каде што ја критикуваше ЕУ и ја обвини за очигледно мешање во претстојните избори во Унгарија.
Средбата со Орбан се случи пред клучните парламентарни избори во Унгарија закажани на 12 април на кои, според анкетите, унгарскиот премиер ќе биде соочен со најсилен притисок од опозициските сили во последниве години.
Анализата на транскриптите и аудиоснимките од разговорите меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров е објавена на истражувачкиот портал „Инсајдер“, реализирана со партнерски редакции.
Ова, според истражувањето, покажува колку длабоко Будимпешта работела за интересите на Москва во рамки на Европската Унија.
Во разговорите, според „Инсајдер“, се слуша како Сијарто им пренесува доверливи информации од Брисел на Русите и вели дека прави сѐ што може за да го блокира пакетот санкции на ЕУ нудејќи помош за да ги спаси руските компании од европските санкции. Истовремено додава и дека владата на Словачка, исто така, помага во координираните руско-унгарски напори.
Материјалите укажуваат на тоа дека Сијарто дејствувал во име на Москва, вклучително и во обиди за отстранување на санкционираните олигарси од листите на санкции на Европската Унија, вклучувајќи ја и сестрата на рускиот милијардер Алишер Усманов.
Еден од највпечатливите разговори се случил на 30 август 2024 година, само еден час откако Сијарто се вратил од Санкт Петербург во Будимпешта. Добил повик од неговиот руски колега Лавров кој го прашува каде е, а откако Сијарто му вели дека пристигнал во Будимпешта му вели дека е цитиран низ сите руски медиуми. Сепак, причината за повикот на Лавров е со причина, односно со барање од рускиот олигарх Алишер Усманов за неговата сестра, Гулбахор Исмаилова, да биде отстранета од списокот на санкции на ЕУ
