Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Иран ќе се согласи на прекин на огнот доколку нападите врз земјата бидат прекинати и додава дека во период од две недели, безбедното минување низ Ормускиот Теснец ќе биде можно

Иран сака да наплаќа такси за бродови што минуваат низ Ормускиот Теснец како дел од своите предлози за ставање крај на војната со Израел и САД, пишува Ројтерс.
Теснецот помеѓу Иран и Оман обезбедува премин од Заливот до Индискиот Океан и е главна рута за околу една петтина од светските залихи на нафта и други витални стоки, вклучително и ѓубрива.
Меѓународната заедница досега го сметаше овој премин за меѓународен пловен пат низ кој бродовите се движат слободно, без плаќање такси.
Висок ирански функционер, во изјава за Ројтерс, вели дека Иран сака секој траен мировен договор во војната што започна со нападите на САД и Израел врз неговото раководство на 28 февруари, да му овозможи на Техеран да бара такси за бродовите што минуваат низ теснецот.
Тој вели дека таксата ќе варира во зависност од видот на бродот, неговиот товар и други услови.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабди, минатата недела изјави дека Техеран подготвува протокол со Оман со кој ќе се бара од бродовите да добијат дозволи и лиценци за да го поминат теснецот, велејќи дека ова има за цел да го олесни, а не да го ограничи транзитот.
Откако синоќа американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека го прифаќа предлогот на Пакистан и ќе ги суспендира заканатите за бомбардирање на енергетската инфраструктира и мостовите во Иран за две недели, одговор има и од Иран. Иран вели дека формално се согласува на прекин на огнот и отворање на Ормускиот Теснец доколку престанат нападите.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објави дека Иран ќе се согласи на прекин на огнот доколку нападите врз земјата бидат прекинати.
Тој додава дека во период од две недели, безбедното минување низ Ормускиот Теснец ќе биде можно.
„Ова ќе се случи преку координација со вооружените сили на Иран и со внимание на техничките ограничувања“,
вели тој.
Врховниот совет за национална безбедност на Иран го прикажа договорот како победа над САД, тврдејќи дека Трамп ги прифатил условите на Иран за прекин на непријателствата.
Иранските медиуми пренесуваат дека врховниот лидер на Иран им наредил на сите воени единици да прекинат со оган. Соопштението следувало околу два часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД и Иран постигнале договор за прекин на огнот.
„Ова не е крај на војната, но сите гранки на војската се должни да ја следат наредбата на врховниот лидер и да прекинат со оган“,
се вели во соопштението.
Иранските државни медиуми соопштија дека преговорите со САД ќе се одржат во Исламабад за да се финализираат деталите од договорот. Разговорите ќе започнат во петок, 10 април, а може да бидат продолжени. Државните медиуми, исто така, објавија дека разговорите со САД не значат крај на војната.
Иранскиот мировен план е со десет точки и е доставен до САД со цел окончување на војната на Блискиот Исток. Во планот, Иран бара целосен прекин на војната против Ирак, Либан и Јемен, целосен и траен прекин на војната против Иран без временско ограничување, крај на сите конфликти во регионот во целост и повторно отворање на Ормускиот Теснец. Иран во планот бара и воспоставување протокол и услови за обезбедување слобода и безбедност на пловидбата во Ормускиот Теснец, целосна исплата на надомест за трошоците за реконструкција на Иран, целосна посветеност на укинување на санкциите врз Иран и ослободување на иранските средства и замрзнатите средства што ги поседуваат САД.
Исто така, Иран целосно се обврзува да не бара поседување на какво било нуклеарно оружје.
Итното примирје, како што се вели, стапува во сила на сите фронтови веднаш по одобрувањето на горенаведените услови.
