Маршот ќе започне од пред плоштадот „Карпошово востание“, по улицата „11 Март“, па преку Камениот мост ќе продолжи по улицата „Никола Вапцаров“ и ќе заврши на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерството за правда

Денеска, со почеток во 12:30 часот, дел од сообраќајниците во централното градско подрачје на Скопје ќе бидат затворени за сообраќај, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Причина е најавениот протестен марш поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците при правосудниот испит.
Маршот ќе започне од пред плоштадот „Карпошово востание“, по улицата „11 Март“, па преку Камениот мост ќе продолжи по улицата „Никола Вапцаров“ и ќе заврши на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерството за правда.
Од МВР велат дека за време на протестниот марш сообраќајот од овие улици ќе биде пренасочен по околните сообраќајници, а Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Во врска со најавениот протест, вчера, премиерот Христијан Мицкоски ги повика студентите да не дозволат да бидат алатка во рацете на една опозициска политичка партија. Тој најави дека група од уставни експерти веќе работат на решение.
