Лидерот на опозицијата и кандидат на партијата Тиса, Петер Маѓар, го обвини Орбан дека ја користи темата за наводен напад врз гасоводот за да шири паника пред парламентарните избори што треба да се случат на 12 април (недела), а на кои партијата на Орбан, Фидес, според анкетите може да загуби
Унгарскиот премиер Виктор Орбан рано утрово се упати кон границата со Србија, во Кишкундоросм во областа Сегедин, за да провери дали е сè во ред со гасоводот од унгарска страна. Ова следи откако вчера српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека експлозив со голема разорна моќ е пронајден на северот на Војводина во близина на гасоводот „Балкански тек“.

За посетата на унгарско-српската граница, Орбан информира на својата фејсбук-страна.
„Велигденски понеделник, 6 часот наутро. Одиме на унгарско-српската граница. Вчера се обидоа да го дигнат во воздух гасоводот од српска страна. Проверуваме дали е сè во ред од унгарска страна. Ќе известувам во живо за развојот на настаните“,
напиша тој на Фејсбук.
Посочи дека при посетата ќе ја провери влезната точка на гасоводот околу Кишкундоросм.
„Сакаа да го дигнат во воздух од српска страна, а ние моравме да наредиме воена заштита за унгарскиот дел од гасоводот“,
додаде Орбан.
Во посетата е придружуван и од министерот за надворешни работи Петер Сијарто. Според тамошните медиуми, се очекува тој оттаму да одржи и прес-конференција.
Унгарскиот премиер вчера свика итен состанок на Советот за одбрана на земјата, откако српските воени служби пронајдоа експлозивна направа и средства за нејзино активирање на критичната гасна инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија.
По седницата, Орбан објави дека воените сили што го штитат делот од гасоводот „Турски тек“, што се наоѓа во Унгарија, ќе бидат дополнително зајакнати.
Во видео објавено на неговиот фејсбук-профил вчера, Орбан му се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за неговиот „брз и ефикасен одговор“.
Унгарскиот премиер рече дека е спречен „акт на саботажа“, додавајќи дека гасоводот работи нормално и без прекин.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера објави дека експлозив со голема разорна моќ бил пронајден на северот на Војводина во близина на гасоводот „Балкански тек“.
Гасоводот „Турски тек“ годишно транспортира од 7,5 до осум милијарди кубни метри и е главна енергетска артерија на Унгарија.
На 12 април (недела) во Унгарија се одржуваат парламентарни избори, на кои партијата на Орбан, Фидес, според анкетите, може да загуби.
Лидерот на опозицијата и кандидат на партијата Тиса, Петер Маѓар, пак, го обвини Орбан дека ја користи темата за наводен напад врз гасоводот за да шири паника пред изборите.
Маѓар вчера изјави дека во изминатиот период добил информации дека нешто „случајно“ ќе се случи на гасоводот во Србија за Велигден, а на премиерот Виктор Орбан му порача оти нема да може да го спречи одржувањето на изборите.
