Премиерот Виктор Орбан нареди унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“ да биде ставен под воена стража. Војници ќе го чуваат гасоводот и дистрибутивните станици за гас по целата негова должина, од границата меѓу Србија и Унгарија до границата меѓу Унгарија и Словачката граница, вели Сијарто
Унгарските вооружени сили ќе го обезбедуваат гасоводот во земјата од српската граница до словачката граница поради закана од напади од Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој наведе дека Украина претходно извршила бројни напади врз објектите на „Турски тек“ на руска територија, кои се користат за транспорт на гас до Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Словачка. Сепак, тој појасни дека не тврди директно оти Украинците ги поставиле експлозивите, туку дека чинот се вклопува во низа дејства, со кои Украина сака да ги наруши руските испораки на гас и нафта.
„Обидот за саботажа во Србија покажа дека заканата продолжува. Затоа, премиерот Виктор Орбан нареди унгарскиот дел од гасоводот Турски тек да биде ставен под воена стража. Војници ќе го чуваат гасоводот и дистрибутивните станици за гас по целата негова должина, од границата меѓу Србија и Унгарија до границата меѓу Унгарија и Словачката граница“,
рече министерот за надворешни работи во видео обраќање.
Украинското Министерство за надворешни работи категорично ги отфрли обвинувањата дека Украина е поврзана со откриениот експлозив во близина на српскиот дел од гасоводот „Турски тек“.
„Украина нема никаква врска со тоа. Најверојатно станува збор за руска операција под лажно знаме во рамките на масовното мешање на Москва во унгарските избори“,
напиша на Х портпаролот на Министерството за надворешни работи, Георгиј Тихи.
We categorically reject attempts to falsely link Ukraine to the incident with explosives found near the Turkstream pipeline in Serbia. Ukraine has nothing to do with this. Most probably, a Russian false-flag operation as part of Moscow’s heavy interference in Hungarian elections.
— Heorhii Tykhyi (@SpoxUkraineMFA) April 5, 2026
Денеска, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека експлозив со голема разорна моќ бил пронајден на северот на Војводина во близина на гасоводот.
Експлозивот, како што се наведува, бил пронајден во рамките на истрага поврзана со загрозување на гасната инфраструктура што ги поврзува Србија и Унгарија. Вучиќ кажа и дека за случајот веднаш телефонски разговарал со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, изјави дека во претходниот период добил информации дека нешто „случајно“ ќе се случи на гасоводот во Србија за Велигден, велејќи му на премиерот Виктор Орбан дека нема да може да ги спречи изборите што треба да се одржат следната недела.
Унгарецот нa Фејсбук напиша дека со недели добивал „сигнали од неколку места дека, по претходните неуспешни операции под лажно знаме, поради падот на поддршката за Фидес, Орбан сака да премине нова граница со помош на Србија и Русија.“
